ПОЧНУВА РЕАЛИЗАЦИЈА НА БРТ ПРОЕКТОТ Скопје влегува во нова ера на урбан превоз
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски најави дека проектот за брз автобуски превоз (БРТ) повторно се активира, како дел од поширок план за модернизација на урбаната мобилност и инфраструктурата во главниот град.
Градот Скопје влегува во нова фаза на урбан развој со реактивирање на проектот за брз автобуски превоз (БРТ), најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на денешната прес-конференција.
Тој порача дека процесот кој подолг период бил во застој сега повторно се придвижува, со поддршка од Владата и меѓународните партнери.
– Конечно го откочивме целиот процес и се подготвуваме за започнување на прелиминарната фаза. Овој проект ќе има значително влијание врз мобилноста во Скопје – изјави Ѓорѓиевски.
Покрај БРТ системот, градоначалникот истакна дека се работи и на поширока стратегија за урбана мобилност, која вклучува развој на велосипедска инфраструктура, пешачки зони и алтернативни начини на движење во градот во наредните години.
Ѓорѓиевски се осврна и на инвестициите во комуналната инфраструктура, посочувајќи дека се набавува нова механизација за одржување на хигиената, која ќе биде од корист не само за Скопје, туку и за други општини во државата.
Според него, ова претставува една од најголемите инвестиции во оваа област во последниот период, со поддршка од Владата и Светската банка.
Во рамки на инфраструктурните активности, тој најави и продолжување на повеќе булеварски проекти кои биле во застој, меѓу кои и булеварот Македонија, познат како „Лимак“ проект.
Ѓорѓиевски порача дека очекува продолжување на соработката со Министерството за транспорт и Светската банка, со цел реализација на проекти кои ќе го подобрат квалитетот на животот во Скопје и во другите општини низ земјата.