ЧУДОТВОРНА ИКОНА НА БОГОРОДИЦА ТРОЕРУЧИЦА ДОАЃА ВО ШТИП Ќе ја донесат монасите од Света Гора

142

Препис на чудотворната икона на Пресвета Богородица Троеручица од Света Гора в сабота ќе пристигне во Штип. Протојереј Добрица Јанев во Брегалничката епархија информира дека иконата ќе биде донесена во градот од монасите од манастирот Хиландар. По литијата, иконата ќе биде поставена во црквата „Свети Димитриј“ во штипско Ново Село, каде што ќе остане на поклонение и молитва.

– Голема радост ќе се случи на 6 јуни, во сабота, во нашиот град Штип, бидејќи ќе пристигне иконата чудотворна Богородица Троеручица од хиландарскиот манастир. Оваа икона ќе ја донесат монасите од Хиландар, ќе ја пречекаме во 16:30 пред храмот „Свети Никола“. Оттука ќе се формира литија и заедно со иконата и верниот народ, кој го повикуваме масовно да присуствува, ќе ја однесеме до храмот „Свети Димитриј“ во Ново Село, каде што ќе остане на поклонение и радост на сите наши браќа и сестри на сите христијани кои со вера ќе доагаат и ќе се молат на мајката божја – изјави Јанев.






Тој додаде дека иконата на Пресвета Богородица Троеручица ќе остане постојано овде во Штип, како што е преписот од иконата на Светиот Нектариј Егински во црквата Иларион во населбата Железничка.

Протојерејот Добрица Јанев се осврна и на потеклото и значењето на иконата Троеручица. Појаснувајќи дека оваа икона со векови сведочи за чудото што се случило на Светиот Јован Дамаскин.

– Иконата Богородица Троеручица, кога ќе ја видете има уште една рака изобразена. Имено, кога свети Јован Дамаскин пишува пофални песни и за Богородица, му ја отсекле раката незнабожците и тој раката ја зел и ставил на иконата, велејќи „Мајко ете јас повеќе не можам да пишувам“. Паднал во длабок сон, а кога се разбудил видел дека раката му е исцелена, а пак на иконата се појавила третата рака – вели Јанев.

Свештениците од Брегалничката епархија ги повикуваат верниците масовно да присуствуваат на свечениот пречек и на литијата во Штип.

Поврзани содржини