📽️ ЗАЛОЖНИЧКА ДРАМА ВО КАЛИФОРНИЈА Маж со оружје држи заложници во банка

Вооружен маж се забарикадирал во филијала на банка во Бејкерсфилд и држи заложници, додека ФБИ и специјалните единици се обидуваат да ја завршат кризата без жртви.

47

Заложничка криза во американскиот град Бејкерсфилд, во сојузната држава Калифорнија, откако вооружен маж се забарикадирал во филијала на банка и држи заложници, соопштија локалните власти.

Инцидентот започнал во вторник околу 13 часот по локално време, кога полицијата добила дојава за закана со бомба во филијалата на банката „Чејс“ во централниот дел на градот.






Според првичните информации, осомничениот влегол во банката и останал внатре со непознат број лица. По неколкучасовни преговори, безбедносните служби успеале да ослободат двајца заложници, но кризата и понатаму продолжува.

 

Надлежните засега не пријавуваат повредени лица, а преговарачките тимови се во постојан контакт со напаѓачот во обид да се стави крај на ситуацијата без дополнителна ескалација.

Властите сè уште не можат да потврдат дали во објектот навистина има експлозивна направа, поради што безбедносните мерки се подигнати на највисоко ниво.

Во акцијата се вклучени и федерални служби, меѓу кои Федералното истражно биро (ФБИ), Министерството за внатрешна безбедност на САД, како и специјални полициски единици од повеќе делови на Калифорнија.

Од безбедносни причини евакуирани се неколку објекти во околината на банката, која се наоѓа на раскрсницата на Честер авенија и 17-та улица.

 

Полицијата упати апел до граѓаните да го избегнуваат подрачјето, каде што се распоредени специјални единици SWAT, тимови за деминирање, полициски кучиња и дронови кои ја следат ситуацијата од воздух.

Истрагата и преговорите продолжуваат.

Поврзани содржини