ИНСТИТУТОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ ИСПЛАЌАЛ ПРЕКУВРЕМЕНИ ЧАСОВИ БЕЗ ОДЛУКИ Ревизорите утврдиле низа слабости во работењето во 2024 година
Сериозни забелешки ревизорите имаат и за јавните набавки кои го надминале и планот за јавни набавки, а одделни спецификации за набавките се поклопувале со карактеристиките на еден производител, со што е нарушена конкуренцијата при набавките.
Државниот ревизор утврдил низа незаконитости во работењето на Институтот за јавно здравје во 2024 година. Посебно неправилности се утврдени во сметката на средствата од Фондот за здравствено осигурување кои, според ревизорите, се провлекуваат со години, без да се преземе нешто за поправање на состојбите.
„Изразивме неповолно мислење во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеност на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива за 2024 година“, стои во извештајот.
Според ревизорите, Институтот за јавно здравје не го водел правилно сметководството, па се случило да прикаже неточни податоци за приходите и расходите во Билансот за успех. Направил попис без вредност на опремата, а на списокот поседува и опрема која е купена и стои во депото без да биде употребена. Со донации се реновирала клучната микробиолошка и вирусолошка лабораторија која поради неправилни тендери не е завршена и е надвор од употреба, што влијае на реализирање на здравствените услуги на населението. Неправилности има и во исплатата на плати и надоместоци на вработените, како и во постапките за вработување и регулирањето на специјализациите.
Сериозни забелешки ревизорите имаат и на јавните набавки кои го надминале и планот за јавни набавки, а спецификациите за одделни набавки се поклопуваат со карактеристиките на еден производител, со што е нарушена конкуренцијата при набавките, во корист на фаворизираниот производител.
Ревизорите утврдиле дека Институтот прикажал планирани податоци за приходи кои требало да ги добие од Фондот за здравство пред да ги добие тие пари, па на крајот на годината покажал вишок приходи од 90.000 евра.
При увидот на пописот утврдено е дека стока во вредност од 234.000 евра не е е пронајдена во пописните листи, но ревизорите добиле усно објаснување дека тоа се 5 возила од кои едно е продадено, а 4 се предадени на Агенцијата за управување со одземен имот и тие се во депото во Идризово.
Институтот вршел исплата на плати и прекувремени часови без одлуки. Па така на 16 вработени им се исплатени 1.087.000 денари за прекувремени повеќе од 190 часови иако не е доставено известување за воведување прекувремено работно време кај Инспекторатот за труд.
На 95 лица им се исплатени 3.140.000 денари за активна и пасивна приправност, работна активност која не е утврдена со посебен акт што го бара законот.
На 3 лица – помошен технички персонал им се исплатени 206.000 денари за дежурства иако за овој вид вработени законски не се предвидени дежурства.
Ревизорите откриле и дека субјективно се определувани износите на надоместоците, бидејќи за тоа немало законска поткрепа.
Институтот располага со медицинска опрема во вредност од 7.639.000 денари (124.000 евра) која воопшто не е ставена во употреба. Опремата е набавувана во периодот од 2019 до 2024 година. Утврдено е дека се реновира клучната лабораторија која поради тендерски пропусти сѐ уште не е пуштена во употреба.
Незаконско однесување, ревизорите утврдиле и во јавните набавки на Институтот. Набавувана е опрема без распишување тендер, а дел од набавките ја надминале висината утврдена во планот за јавни набавки. Таква била и набавката на микробиолошки тестови во вредност од 3.308.000 денари која не била планирана во планот за набавки. За дел од набавките не е консултиран стручниот колегиум на Институтот.
Според ревизорите, Институтот има воспоставено практика на утврдени спецификации на одредени реагенси и потрошен материјал кои одговараат само на еден производител со што при набавката не била можна конкуренција и учество на други производители.
Неправилности се утврдени и при утврдувањето на специјализациите од периодот од 2019 до 2023 година кои според ревизорите се вршат по интерен правилник кој не е во согласност со законот за здравствена заштита. Посебно се наведува казната која треба да ја платат специјализантите кои ќе се откажат од специјализацијата. Висината на надоместокот не соодветствува со законот.
Ревизорите навеле и низа други незаконитости во работењето на Институтот за јавно здравје.
Приемот и потрошувачката на вакцини не е евидентиран во деловните книги; попис на побарувањата не е направен во целост, а за побарувања во износ од 18.245.000 денари кои се постари од три години не се преземени активности за наплата.
Иако Министерството за здравство ги набавува вакцините за задолжителна имунизација, тие во Институтот се примаат само со податоци за количината, без податоци за нивната вредност. Примените и потрошените вакцини се евидентираат во системот „Мој термин“, но не и во деловните книги на Институтот, поради што не е воспоставена целосна сметководствена и материјална евиденција за овие залихи.
Активностите предвидени со Националната програма за јавно здравје за 2024 година не се спроведени во целост. Наведени се и неправилности поврзани со ангажирани лица со договор на дело и недоследности при издавањето на простор на Институтот под закуп.
Ревизорите алармираат и за дополнителни милионски суми кои висат меѓу ИЈЗ и Министерството за здравство.
„Во делот на Нагласување на прашања ревизијата известува за ненаплатените побарувања од Министерството за извршени здравствени услуги по програми за здравствена заштита во износ од 17.058.000 денари, чија наплата е неизвесна“, се наведува во извештајот.