БУЏЕТОТ Е ВО ОДЛИЧНА КОНДИЦИЈА Остануваме држава со најевтини горива
Ја следиме внимателно кризата. Не брзаме, па во зависност од интензитетот на кризата, така и ние ќе постапиме, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Буџетот е во исклучително квалитетна состојба, а државава и покрај враќањето на ДДВ за горивата на 18 проценти е натаму е со најевтини цени на горивата, вели премиерот Христијан Мицкоски.
– Буџетот е во одлична кондиција, ги натфрламе проекциите кои што ги имавме на почетокот на годината и покрај сите оние, би рекол, душегрижници кои мислеа дека оваа енергетска криза за нив е политичка можност, а ќе предизвика последици во работењето и во тековните трошења од страна на Владата. Но, за нив имам лоша вест. Буџетот е во исклучително квалитетна состојба – изјави Мицкоски по учеството на регионалниот форум за клима, енергетска транзиција и одржлив развој во Западен Балкан – МЕФ 2026.
Мицкоси повтори дека постапката за ребаланс на Буџетот ќе биде во текот на месецов.
– Одлучивме за горивата, односно за безоловниот бензин ДДВ да го вратиме на 18 проценти, а притоа да ја задржиме мерката намалени акцизи, бидејќи цената на дизелот и на безоловниот бензин во втората половина на мај на светските берзи се движеше меѓу 1.000 и 1.200 долари за барел. Така што, денес имаме два денара по литар намалена акциза и за дизелот и за бензините и истовремено имаме одобрен дополнителен попуст од страна на ОКТА за нејзините коминтенти од два денара по литар за безоловно гориво. Денеска одлуката на Регулаторната комисија беше дека имаме големо поевтинување на дизел горивото за 6,5 денари по литар и половина денар поскапување за безоловните горива. Кога на тоа ќе се додадат овие два денара по литар попуст од страна на ОКТА тогаш добиваме реално и де факто намалување и на безоловниот бензин од 1,5 денари по литар и покрај тоа што данокот на додадена вредност има ставка од 18 проценти. Со ова остануваме убедливо земја со најевтина цена на горивата – рече Мицкоски.
Тој соопшти дека потрошувачката на нашите бензински станици од граѓаните од соседите земји е зголемена за 15 до 25 проценти, за разлика од претходниот период, кога во одредени денови беше и до 50 проценти.
Потенцираше и дека ќе има и други мерки, зависно од состојбата со кризата.
– Ја следиме внимателно кризата. Не брзаме, па во зависност од интензитетот на кризата, така и ние ќе постапиме – рече Мицкоски.