НОВ АСФАЛТ И ПОТПОРЕН ЅИД ЗА ГЛАВНАТА АРТЕРИЈА НА КАРПОШ Илјадници граѓани секојдневно минуваат по оваа улица
Улицата Загребска, една од најфреквентните сообраќајници во Карпош, влегува во темелна реконструкција. Покрај санацијата на коловозот, предвидена е и изградба на потпорен ѕид за поголема безбедност на потегот кон Институтот за респираторни заболувања кај децата - Козле.
Почнува реконструкцијата на улицата Загребска, една од најважните сообраќајни врски во Карпош, најави градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски и сподели фотографии од терен
Проектот предвидува целосна санација на коловозот и подобрување на безбедноста на потегот што секојдневно го користат илјадници граѓани.
„Безбеден, функционален и достоинствен пристап до ваква значајна здравствена установа не е луксуз, туку обврска“, порачаа од Град Скопје.
Ќе се гради и потпорен ѕид
Покрај реконструкцијата на улицата, ќе се изгради и потпорен ѕид долг околу 50 метри и висок околу четири метри.
Од локалната власт велат дека со тоа ќе се зајакне стабилноста на теренот и ќе се намали ризикот од идни оштетувања.
„Станува збор за улица која со години беше во исклучително лоша состојба и чија реконструкција одамна беше неопходна“.
Карпош добива повеќе капитални проекти
Во објавата на Ѓорѓиевски се посочува дека паралелно продолжуваат работите и на мостот на Љубљанска, каде веќе се градат потпорни ѕидови по добивањето на потребните согласности.
Од Градот велат дека интензивно се работи и на клучката „Момин Поток“, каде се градат три моста и се реализира реконструкција на поширокиот потег.
Во план е и парк од 70.000 квадрати
Меѓу најавените проекти е и нов парк на просторот меѓу булеварите Илинден и Љубљанска.
Според најавите, зелената површина ќе зафаќа околу 70.000 квадратни метри и ќе биде наменета за рекреација, спорт и одмор.
„Чекор по чекор, проект по проект, го враќаме редот, динамиката и развојот во Скопје“, се наведува во соопштението.