ЛАНИ КОМПАНИИТЕ ОСТВАРИЛЕ ПОВИСОКИ ДОБИВКИ Даночната основа и пресметаниот данок бележат раст од 14%
За 2025 година 247 здруженија и фондации поднеле даночен биланс и пресметале данок од 1% од остварениот приход од стопанска дејност.
Управата за јавни приходи информира дека по завршување на даночните биланси за 2025 година, анализата на обработените податоци покажува раст на даночната основа, на пресметаниот данок и повисок нето даночен ефект кај данокот на добивка.
Според податоците, даночен биланс за оданочување на добивка поднеле 25.506 компании, додека 50.465 компании поднеле даночен биланс за оданочување на вкупен приход. И кај двете даночни основи забележан е раст во однос на 2024 година.
Кај компаниите што плаќаат данок на добивка ( без оние кои согласно закон имаат право на даночни ослободувања -компании во технолошко индустриските развојни зони, заштитни друштва и казнено-поправни установи), даночната основа и пресметаниот данок бележат раст од 14 % во однос на 2024 година.
По пресметките, за доплата остануваат над 5,8 милијарди денари, додека нето-даночниот ефект е зголемен за 33%.
УЈП оценува дека резултатите се должат пред сè на повисоките добивки кај компаниите и на помалиот износ на користени даночни олеснувања во 2025 година.
Во поедноставениот даночен режим, кој најчесто го користат микро и малите компании, данок на вкупен приход пресметале 3.883 даночни обврзници, што е раст од 8,6% во однос на 2024 година.
Нето даночниот ефект кај овој вид оданочување изнесува 45,3 милиони денари и е понизок во однос на претходната година кога изнесуваше 53,5 милиони денари.
Кај трговците-поединци, занаетчиите, земјоделците и лицата што вршат самостојна дејност, даночната основа и пресметаниот данок се зголемени за 2 до 3% во споредба со 2024 година.
По пресметките за доплата кај нив остануваат 147,7 милиони денари, додека нето даночниот ефект е помал од 2024 година и се должи на поголемиот износ на аконтативно платен данок во текот на 2025 година што го надминува годишниот раст на нето-доходот, а воедно повисок раст имаат и користените даночни намалувања.
За 2025 година 247 здруженија и фондации поднеле даночен биланс и пресметале данок од 1% од остварениот приход од стопанска дејност. Иако бројот на обврзници е помал во однос на 2024 година кога ваков биланс поднеле 1.310 даночни обврзници, пресметаниот данок изнесува 21,7 милиони денари и е повисок од минатогодишниот износ од 19,4 милиони денари.