📽️ КАЈ „ТУТУНСКИ“ ВЕЌЕ НЕ Е КАКО ПОРАНО Важат нови правила за движење на возилата

Со воведувањето на новиот сообраќаен режим кај Тутунски комбинат се менуваат насоките на движење кон Аеродром и кон Кисела Вода, а дел од улиците стануваат еднонасочни.

260

Многу скопјани утрово беа изненадени од новата сигнализација и измените на раскрсницата кај Тутунски комбинат. Причината е воведувањето на нов сообраќаен режим во овој дел од центарот на градот, кој треба да овозможи подобар проток на возилата и полесно функционирање на новата подземна сообраќајница.

Најголемата промена е што возачите повеќе нема да можат од Јужен булевар директно да свртат лево кон Аеродром и Тутунски комбинат, како што тоа беше можно досега.






Наместо тоа, сообраќајот ќе биде пренасочен по нови еднонасочни траси.

Возилата што доаѓаат од Јужен булевар и се движат кон Кисела Вода ќе поминуваат по улицата кај кафеаната „Ив“, која станува еднонасочна. На оваа локација ќе биде поставен и нов семафор што ќе овозможи лево вртење и приклучување кон улицата Есенинова и Општина Аеродром.

Истовремено, улицата покрај Пазарната инспекција, која води кон Тутунски комбинат, ќе функционира само во обратен правец. Тоа значи дека возилата ќе можат да се движат од Тутунски комбинат кон Јужен булевар и директно да се приклучуваат во новата подземна сообраќајница.

Како дел од реконструкцијата, веќе е изменет и дел од крстосницата на булеварот 11 Октомври. На потегот од Центар кон Кисела Вода и Тутунски комбинат, бројот на коловозни ленти е намален од три на две, поради поставување нова жардиниера.

Од Град Скопје велат дека овие измени се воведуваат за да се подобри протокот на возилата во централното градско подрачје, а во иднина на овој потег е предвидена и изградба на натпатник.

Поврзани содржини