РЕВОЛТИРАНИ ТУРИСТИ ПОРАЧАЛЕ ДЕКА ПОВЕЌЕ НЕМА ДА ОДАТ ВО ГРЦИЈА Километарски колони и повеќечасовен застој на граничниот премин Евзони

Огорченоста е видлива и многу патници го изразуваат своето разочарување од сликата што ја затекнуваат на влезот во земјата, сметајќи дека е неприфатливо нивниот одмор да почне со повеќечасовно чекање на граница, пишува солунскиот информативен портал „Тес“.

0

Километарски колони, десетици туристички автобуси, доцнења и чекања со часови за влез во Грција и денеска претпладне имаше на граничниот премин Евзони/ Богородица, а медиумите од Солун пишуваат дека туристите се соочуваат со непријатности и со задржувања поради биометриските контроли, јави дописничката на МИА од Атина.

Утрово, според медиумите, патничките автомобили чекале околу 2 часа, а за туристичките автобуси дури и повеќе од 5 часа, што предизвика „големи непријатности и исцрпеност кај возачите и кај патниците кои се обидуваат да ја преминат границата кон Грција“.






„Сликата јасно ја прикажува состојбата. Бесконечни колони возила, возачи кои излегуваат од автомобилите, барајќи сенка и свежина, семејства со мали деца кои трпеливо чекаат под жешкото сонце и десетици автобуси, што со часови стојат неподвижни. И покрај интензивните непријатности, климата засега останува мирна и не се забележани посериозни тензии. Сепак, огорченоста е видлива. Многу патници го изразуваат своето разочарување од сликата што ја затекнуваат на влезот во земјата, а некои дури карактеристично велат дека нема повторно да дојдат во Грција, сметајќи дека е неприфатливо нивниот одмор да почне со повеќечасовно чекање на граница“, пишува солунскиот информативен портал „Тес“.

Поради големото доцнење, долгото чекање и големиот број автобуси, како што пишува радиото Солун на нивниот сајт, била дадена наредба да се спроведе стариот систем за проверка за патниците од туристичките автобуси, со цел да се нормализира ситуацијата.

Солунскиот портал „Вориа“ коментира дека „доцнењата се директно поврзани со имплементацијата на новиот систем за влез и за излез од ЕУ (ЕЕС) што предвидува електронска и биометриска регистрација на државјани на трети земји“.

Во четвртокот, заменик-министерот за внатрешни работи на Грција надлежен областите Македонија и Тракија Константинос Гулекас одржа состанок за ситуацијата на граничните премини Кипи и Евзони по имплементирањето на ЕЕС системот, на кој биле разгледани мерки за олеснување на протокот на патници и возила.

Акцент бил ставен на можноста за дополнително зајакнување на информатичките системи за побрзо спроведување на контролите, како и на евентуална изградба на привремени технички решенија за олеснување на протокот на патниците и на возилата.

Министерот за заштита на граѓаните на Грција Михалис Хрисохоидис во четвртокот од Халкидики посочи дека мора да ја имплементираат европската легислатива, бидејќи Европската комисија инсистира на целосна примена. Тој нагласи дека за ЕЕС системот „добил поплаки од неговите колеги од Северна Македонија и од Србија“.

Објасни дека прашањето со биометриската регистрација на границите има два аспекти, едниот е самиот процес, а другиот е застарената грчка инфраструктура.

Поврзани содржини