ТРАМП ТВРДИ ДЕКА ДОАЃА ГОЛЕМ ДОГОВОР Во игра се нуклеарното оружје и Ормускиот Теснец
Американскиот претседател Доналд Трамп најави конечна одлука за можен договор со Иран, поставувајќи услови поврзани со нуклеарната програма и пловидбата низ Ормускиот Теснец.
Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека наскоро ќе донесе конечна одлука за можен договор со Иран, поставувајќи повеќе услови за негово постигнување, меѓу кои и трајно откажување на Техеран од нуклеарно оружје.
Во објава на социјалната мрежа „Трут Соушл“, Трамп порача дека Иран мора да гарантира дека „никогаш нема да поседува нуклеарно оружје или нуклеарна бомба“.
Тој истовремено побара Ормускиот Теснец целосно да се отвори за меѓународен бродски сообраќај без ограничувања и без дополнителни такси.
Трамп тврди и дека Иран ќе ги отстрани преостанатите подводни мини во регионот, додека, според неговите зборови, американската поморска блокада ќе биде укината.
– Бродовите што беа заробени во теснината поради нашата неверојатна и невидена поморска блокада, која сега ќе биде укината, можат да тргнат дома – напиша Трамп.
Осврнувајќи се на иранската нуклеарна програма, американскиот претседател изјави дека САД, во координација со Кина, Иран и Меѓународната агенција за атомска енергија, ќе работат на уништување на збогатениот нуклеарен материјал за кој тврди дека се наоѓа во подземни објекти.
Трамп додаде и дека според предложениот договор засега не се предвидени финансиски трансфери меѓу двете страни.
– Нема да се разменуваат пари до понатамошно известување. Во моментов одам на состанок за да донесам конечна одлука – вели американскиот претседател.