ЕВРОПСКИОТ ТРОФЕЈ Е СÈ ПОБЛИСКУ Охрид ја доби првата битка против Татабања

Охриѓани славеа со 29:28 против Татабања во првото финале од ЕХФ Европскиот куп, а одлуката за трофејот ќе падне на реваншот во Охрид.

65

Ракометарите на ГРК Охрид направија голем чекор кон европски трофеј, откако попладнево во првиот финален натпревар од ЕХФ Европскиот куп славеа против Татабања со 29:28.

Охриѓани одиграа одлично прво полувреме, особено во дефанзивата, каде клучна улога имаше голманот Кристијан Пилиповиќ. Чуварот на мрежата мечот во првите 30 минути го заврши со девет одбрани, иако во еден момент заработи и двоминутно исклучување.






Домашниот состав отвори моќно и по 15 минути игра имаше примено само три гола, а во еден период стигна и до убедливи 12:5. Гостите од Унгарија до паузата успеаја делумно да се вратат и да намалат, но Охрид на одмор замина со сигурни 13:8.

Во второто полувреме македонскиот претставник долго време ја контролираше играта и имаше предност од шест гола разлика при 25:19. Сепак, Татабања успеа драматично да се врати во натпреварот и во самиот финиш за првпат да поведе со 28:27.

Кога се чинеше дека победата се лизга од рацете на охриѓани, следуваше одличен финиш на македонскиот тим, кој постигна два гола по ред и стигна до голема победа од 29:28 пред реваншот.

Реванш финалето ќе се игра следната недела во Охрид, на 31 мај, со почеток од 20 часот, кога македонскиот тим ќе има шанса пред домашната публика да испише историја и да го освои европскиот трофеј.

Поврзани содржини