ПЕТМИНА УАПСЕНИ ЗА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО Тепани жени, деца и родители низ државата
Полицијата интервенирала во Пробиштип, Битола, Кичево, Скопје, Неготино и Крива Паланка по серија пријави за физички напади и закани во семејства и партнерски односи.
Осум случаи на семејно насилство биле пријавени во изминатото деноноќие низ државата, а пет лица завршиле во полициска станица поради физички напади врз членови на семејството, партнери и деца.
Најтежок е случајот во Неготино, каде 19-годишна девојка пријавила дека нејзиниот татко физички ја нападнал и ѝ се заканувал во семејниот дом. Според нејзината изјава, таа и нејзиниот малолетен брат подолго време трпеле психичко и физичко насилство.
Полицијата го уапсила 42-годишниот неготинец, а судот му изрекол мерки за отстранување од домот и забрана да се приближува до жртвите во наредните 15 дена.
Во Битола, пак, 17-годишна девојка пријавила дека била претепана од своето момче, при што се здобила со тешки телесни повреди. Полицијата го привела 40-годишниот битолчанец.
Во Пробиштип бил уапсен 46-годишен маж откако, според пријавата, физички го нападнал својот брат и употребил дрвен предмет.
Во Кичево, 43-годишен маж бил приведен по пријава од неговата поранешна 22-годишна партнерка, која тврдела дека ја нападнал во градот.
Случај на семејна тепачка бил пријавен и во Скопје, каде сопружници меѓусебно се пријавиле за физички напад по расправија во нивниот дом во Центар.
Дополнителен случај е регистриран и во Ѓорче Петров, каде 35-годишна жена пријавила дека била нападната со тврд предмет од својот партнер.
Во тетовско село, 51-годишен маж пријавил дека неговиот брат физички го нападнал сопствениот син, а потоа му се заканувал и нему кога се обидел да го заштити детето.
Во Крива Паланка, полицијата привела маж кој физички го нападнал својот 65-годишен татко.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека по целосно расчистување на случаите ќе следуваат соодветни пријави.