„СЛОБОДА ИМА САМО ОНОЈ КОЈ ШТО МИСЛИ НА СВОЈ ЈАЗИК“ Премиерот Мицкоски со моќна порака од Света Софија

Премиерот Христијан Мицкоски од Охрид порача дека делото на Кирил и Методиј е темел на цивилизациска идеја за јазик, образование и слобода, истакнувајќи дека образованието е најсилното оружје на секој народ.

97

Браќата Кирил и Методиј испратиле порака која и денес е современа и силна – секој народ има право на образование, култура, духовен израз и сопствен јазик. Народ кој не ја познава својата писменост и култура лесно станува туѓ во сопствената историја, порача премиерот Христијан Мицкоски од свечената академија што се одржа во Охрид по повод Денот на сесловенските просветители.

Од црквата „Света Софија“, каде се одржа свечената академија насловена „Од слово до вечност“, премиерот истакна дека денес, кога се одбележува делото на светите браќа Кирил и Методиј, не се зборува само за двајца просветители од 9 век, туку за темел на една цивилизациска идеја – дека човекот е вистински слободен само кога има право да мисли, учи, создава и зборува на свој јазик.






– Во време кога знаењето било привилегија на малкумина, тие испратиле порака која и денес е современа и моќна – дека секој народ има право на образование, култура и на свој јазик. Токму затоа нивното дело е повеќе од историски настан. Тоа е победа на светлината над темнината, победа на знаењето над потчинувањето. Народ кој не ја познава својата писменост и култура лесно станува туѓ во сопствената историја. Тоа не е само историска поука, туку и современо предупредување – порача Мицкоски.

Тој додаде дека во време на забрзан технолошки напредок, кога светот се движи со невидена брзина и кога вештачката интелигенција, дигиталните технологии и глобалните процеси отвораат нови хоризонти, но носат и ризик од површност и духовно осиромашување, повеќе од кога било е потребно образование кое не создава само луѓе со дипломи, туку и луѓе со вредности, карактер и критичко размислување.

– Вистинското образование не е акумулација на информации, туку способност на човекот да разликува вистина од манипулација, вредност од привид. Образованието е најмоќното оружје со кое можеме да го промениме светот, но и најсилниот штит со кој еден народ ја брани својата иднина – рече Мицкоски.

Поврзани содржини