„БЕЗ НИВ НЕМАШЕ ДА ИМА ПИСМЕНОСТ“ Пораки за Кирил и Методиј од врвот на државата

Државниот врв, партиите и институциите упатија честитки за 24 мај – Денот на Кирил и Методиј, истакнувајќи ја нивната улога во словенската писменост и култура.

58

По повод 24 мај – Денот на светите браќа Кирил и Методиј, државниот врв, политичките партии и институциите упатија честитки во кои се нагласува нивното историско значење за словенската писменост, култура и духовен развој.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова порача дека делото на светите браќа е темел на идентитетот и духовноста на словенските народи, меѓу кои и македонскиот.






– Нивното благословено и благородно дело и денес има обединувачка моќ и се смета за заедничко историско и цивилизациско наследство. Јазикот не е само збор, туку и колективна меморија и чувство на припадност што се пренесува од генерација на генерација – порача Сиљановска-Давкова.

Таа нагласи дека нивната мисија останува потсетник дека без култура и образование нема напредно општество.

И претседателот на Собранието, Африм Гаши, истакна дека делото на Кирил и Методиј претставува основа на европската културна историја.

– На овој значаен ден ја потврдуваме нашата посветеност кон образованието, културата и соработката како вредности што градат демократски општества – порача Гаши, додавајќи дека годинава чествувањето се одржува и во Ватикан.

Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека браќата се темел на македонската писменост и идентитет.

– Нивната мисија овозможи ширење на словото Божјо на разбирлив јазик и го отвори патот кон писменоста и духовниот развој на словенските народи – наведуваат од партијата, додавајќи дека државата има обврска да го чува јазикот и наследството.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, истакна дека нивното дело е длабоко поврзано со македонската културна историја.

– Горди сме што нивното наследство е поврзано со Охрид како еден од најважните центри на словенската писменост. Денес мора да продолжиме да го чуваме јазикот и да градиме европска иднина – порача Филипче.

Од Министерството за образование и наука порачаа дека Кирил и Методиј оставиле трајна обврска за развој на образованието.

– Нивната мисија нè обврзува постојано да вложуваме во знаење, критичко размислување и креативност кај младите генерации – стои во пораката.

Од Министерството за јавна администрација порачаа дека нивното дело останува симбол на духовно обединување.

– Во време на брзи промени, нивната мисија останува водилка за зачувување на вредностите што нè поврзуваат како народ – порачува министерот Горан Минчев.

Поврзани содржини