СЕДЛОСКИ СО ПЕТ ДЕБИТАНТИ Македонија со нов лик против БиХ и Турција
Селекторот Гоце Седлоски повика пет дебитанти за пријателските натпревари против БиХ и Турција, додека неколку стандардни репрезентативци ќе отсуствуваат поради повреди и клупски обврски.
Македонската фудбалска репрезентација ќе настапи со освежен состав на претстојните пријателски натпревари против БиХ и Tурција, откако селекторот Гоце Седлоски го објави списокот на повикани фудбалери.
Најголемо внимание привлекуваат петтемина дебитанти кои за првпат добиваат шанса во сениорскиот национален тим. Повик добија вардарците Георги Јанкулов и Азар Омерагиќ, фудбалерите на ФК Силекс Дарко Додев и Дарко Анѓелески, како и Дин Аломеровиќ од романскиот клуб УТА Арад. На списокот се најде и голманот на ФК Вардар, Давор Талески.
Во репрезентацијата повторно се враќаат дефанзивците Стефан Деспотовски и Јован Манев, како и играчите од средниот ред Агон Елези и Сефер Емини, кои не беа дел од претходните собири.
Сепак, Седлоски нема да може да смета на неколку важни имиња. Поради повреди ќе отсуствуваат Љупче Дориев, Лука Станковски, Егзон Бејтулаи, Марио Илиевски и Димитар Митровски, додека поради клупски обврски натпреварите ќе ги пропуштат Тихомир Костадинов и Андреј Стојчевски.
Пријателските натпревари против БиХ и Турција ќе бидат можност за селекторот да тестира нови решенија и да види како младите фудбалери ќе се вклопат во националниот тим пред следните официјални предизвици.
