ЕКСКЛУЗИВНО • МОДЕЛ „ЧЕКОР ПО ЧЕКОР“ ЗА ЕУ Пет членки туркаат нов план за Балканот

Австрија, Италија, Словенија, Чешка и Словачка предлагаат нов модел за интеграција на Западен Балкан во Европската унија. Наместо класично чекање за полноправно членство, земјите кандидати би добивале постепен пристап до европскиот пазар и програмите на ЕУ, сектор по сектор.

528

Пет земји членки на Европската унија предложиле нов модел за интеграција на Западен Балкан, со кој Македонија, Србија, Албанија  и Црна Гора постепено би се вклучувале во европскиот систем уште пред полноправното членство.

Станува збор за доверлив документ што минатиот петок бил дистрибуиран меѓу 27-те членки на ЕУ во Брисел.






Документот првично го објавил „Еурактив“.

Предлогот доаѓа од Австрија, Италија, Словенија, Чешка и Словачка.

„Чекор по чекор“ до европскиот пазар

Петте земји предлагаат таканаречен модел на „систематска секторска интеграција“.

Тоа практично би значело дека земјите кандидати постепено би добивале пристап до делови од европскиот единствен пазар, уште додека ги отвораат и затвораат преговарачките поглавја.

„За да се одржи моментумот на проширување и да се унапреди европската интеграција, потребни се силни и привлечни стимулации“, се наведува во документот.

Авторите предлагаат: интеграција во транспортот, енергетиката, пазарите на електрична енергија, дигиталниот пазар, критичните суровини и европските стратегии за конкурентност.

Во документот се спомнува и можност за модели слични на договорот за мобилност на младите меѓу ЕУ и Велика Британија.

Страв од Москва и од Пекинг

Во документот директно се посочува дека новиот пристап има и геополитичка цел.

– Овој пристап би го проширил и зајакнал единствениот пазар, придонесувајќи за геоекономското значење и стратешката автономија на ЕУ, а воедно би ги приближил кандидатите и би помогнал да се спротивстави на влијанието на трети земји – се наведува во документот.

Дипломатски извори велат дека под „трети земји“ пред сè се мисли на Русија и Кина.

Нема целосно членство, туку постепена интеграција

Предлогот практично ја оттурнува идејата за брзо полноправно членство.

Наместо тоа, ЕУ би давала постепени бенефити, сектор по сектор, зависно од реформите и усогласувањето со европските правила.

Во документот се нагласува дека:
„постепената интеграција треба активно и систематски да се спроведува откако кандидатот ќе покаже високо ниво на усогласеност со законодавството на ЕУ во релевантниот сектор“.

Се предлагаат и заштитни механизми, во случај земја кандидат подоцна да се повлече од реформите.

Не се сите импресионирани

Германскиот експерт Милан Нич од Германскиот совет за надворешни односи смета дека новиот модел не носи драматична промена.

– Звучи како малку пософистицирана верзија на претходниот притисок за постепена интеграција – оценил Нич.

Во меѓувреме, албанскиот министер за надворешни работи Ферит Хоџа отишол чекор подалеку.

Тој предложил земјите кандидати да добиваат статус на набљудувачи во европските институции уште пред членството.

Притисок врз Марта Кос

Авторите на документот ја повикале еврокомесарката за проширување Марта Кос да излезе со нови идеи за ваков тип интеграција.

Според дипломатски извори, дел од европските престолнини стравуваат дека долгиот застој во проширувањето создава простор за руско и кинеско влијание во регионот.

Поврзани содржини