ДА, ПРАВО НА ПРОТЕСТ, НО НЕ И ГАЗЕЊЕ ПО ЗНАМЕТО И ХИМНАТА Мицкоски вели дека инцидентите на протестот за правосудниот испит не заслужуваат коментар
Премиерот вели дека не би го коментирал насилниот инцидент со тепачка меѓу двајца демонстранти од протестот и порачува дека тоа е „национален фолклор“ и дека домашното воспитување се учи на рана возраст. Мицкоски вели дека секогаш го поддржува правото на протест, но не и кршење на законот за знаме, химна и на Уставот.
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека нема никаква дилема на темата дали поддржува право на протести, но дека му смета кога демонстрантите ги прекршуваат законите за знаме, химна и Уставот.
Запрашан за протестот на студентите Албанци за правосудниот испит Мицкоски вели:
– Јас секогаш поддржувам протести, демократско право е да се поддржат протести и тука немам никаква дилема. Мене лично ми пречи што демонстрантите кои се правници кои се борат за право го прекршуваат законот, да речеме законот за знамињата, законот за државната химна, Уставот и така натаму.
Премиерот вели дека не би го коментирал насилниот инцидент со тепачка меѓу двајца демонстранти од протестот и порачува дека тоа е „национален фолклор“.
– Ајде навредите нема да ги коментирам, тоа е сè под домашно воспитување што во првите 7 години од животот се стекнува. Нема да го коментирам ни насилниот инцидент кој се случи, ниту надворешните мешања во внатрешните работи на Македонија од надворешни фактори. Тоа сè ќе го оставиме како фолклор – рече Мицкоски.
Премиерот посочи дека Владата работи да се обезбеди трајно решение кое што ќе ги реши овој, но и други проблеми наследени од минатото.
Запрашан да го коментира најавениот митинг во Куманово за поддршка на српскиот претседател Александар Вучиќ, Мицкоски вели:
– Апсолутно не поддржувам надворешно мешање во внатрешните политики на Македонија како што тоа беше пред некој ден, но исто така ние како Влада немаме намера ниту сме пледирале да се мешаме во внатрешните и независни политики на која било држава.