СИЛНА ЕКСПЛОЗИЈА СРАМНИ ЗГРАДА ВО ГЕРМАНИЈА Три лица се исчезнати под урнатините

Спасувачките екипи цела ноќ трагаат по исчезнатите под урнатините, додека властите истражуваат дали експлозија на гас ја предизвикала трагедијата.

132

Три лица сè уште се водат како исчезнати по уривањето на станбена зграда во Гролиц, во источна Германија, додека спасувачките екипи цела ноќ пребаруваа под урнатините.

Според информациите на германската новинска агенција ДПА, властите истражуваат дали експлозија на гас е причина за несреќата што се случила во понеделник вечерта во близина на железничката станица во градот.






Полицијата соопшти дека првично пет лица биле пријавени како исчезнати, но две од нив биле пронајдени кратко по полноќ и не биле повредени.

Спасувачките тимови морале да работат со голема претпазливост бидејќи на местото на несреќата продолжило истекување на гас.

– Истекувањето се наоѓа под урнатините и моментално не може технички да се санира – изјавила портпаролка на полицијата.

Таа додала дека постојано се следи концентрацијата на гас во воздухот, но засега не се очекува нова експлозија.

Маж кој стравува дека неговата сопруга и роднина се заробени под урнатините изјавил за ДПА дека ја слушнал експлозијата додека бил во супермаркет во близина.

Според него, тројцата пристигнале истиот ден за да престојуваат во стан за одмор во зградата.

– Кога се вратив, таму каде што беше зградата имаше само огромен куп урнатини – рекол тој.

По несреќата, пошироката област била евакуирана и блокирана, а на терен биле испратени полиција, пожарникари и тимови за справување со катастрофи.

Според полицијата, во зградата имало и станови за изнајмување и апартмани за туристи.

Поврзани содржини