ИЏЕ ВЕДНАШ ПОКАЖА ЗАБИ Петто место на Рекберг и најава за нова битка за титула
Игор Стефановски Иџе ја започна новата сезона во ФИА Европскиот шампионат на ридски патеки со петто место во генералниот пласман на трката во Австрија.
Македонскиот автомобилист Игор Стефановски Иџе со силен настап ја отвори новата сезона во ФИА Европски шампионат на ридски патеки, откако викендов настапи на легендарната патека Рекберг во Австрија.
Во конкуренција од повеќе од 250 возачи, Стефановски уште на самиот старт покажа дека ќе биде сериозен кандидат за висок пласман сезонава. По првата трка го имаше третото најдобро време, додека во втората заврши со петто време. Со збирниот резултат, македонскиот ас се пласираше на одличното петто место во генералниот пласман.
Трикратниот европски шампион и оваа сезона влегува со јасна цел – да се бори со најдобрите и да оствари нови врвни резултати на европската сцена.
– Ова беше одличен викенд. Иако пред почетокот на сезоната немавме ниту еден тест, задоволен сум од резултатот. Ова е добар почеток. Следуваат трки во кои постепено ќе се прилагодуваме на автомобилот. Голема благодарност до мојот тим, до Ферари, до спонзорите и постоечките и новите, како и до сите што ни даваат поддршка – изјави Стефановски.
Со ваков старт на сезоната, Иџе најавува возбудлива година и нова битка за врвот во европскиот шампионат.