ДВА ПОЖАРИ ИЗГОРЕА 20 ХЕКТАРИ ШУМА ВО КУМАНОВСКО Гаснењето траеше со часови, делови уште тлеат
Два пожари зафатиле шумски површини во Ваксинце и Арбанашко, опожариле околу 20 хектари и сè уште тлеат на непристапен терен.
Два одделни пожари зафатиле шумски површини во атарите на Ваксинце и Арбанашко. Опожарени се околу 20 хектари борова, дабова и букова шума. Пожарите се локализирани, но делови сè уште се активни и тлеат.
Теренот го отежнал гаснењето
Пожарот во Ваксинце избувнал попладне и траел со часови. Интервенирале екипи од ТППЕ Куманово и шумарски служби.
„Територијалната противпожарна единица Куманово интервенирала со едно возило и четворица пожарникари“, соопшти РЦУК Куманово.
Од Шумско стопанство Куманово информираа дека пожарот бил локализиран во 19:53 часот, а според првичните проценки, опожарени се околу десет хектари.


Во Арбанашко, пожарникари од ТППЕ Старо Нагоричане интервенирале со повеќе возила и екипи.
„Интервенцијата траела до 02:15 часот по полноќ со три возила и девет пожарникари“, соопштија надлежните служби.
Букови трупци сè уште горат
Поради непристапниот терен, пожарите се гаснеле рачно со грбни пумпи. Иако се ставени под контрола, делови од шумата сè уште горат.
„Во моментов горат букови трупци со обем од околу еден метар, за чие целосно гаснење ќе биде потребно дополнително време“, се вели во извештајот.
