20.000 МОРНАРИ СЕ ЗАГЛАВЕНИ ВО ПЕРСИСКИОТ ЗАЛИВ Обединети нации загрижени за нивната состојба
Според Агенцијата на ООН за поморски сообраќај (ИМО), поради блокадата на Ормускиот Теснец во регионот на Персискиот Залив се заглавени речиси две илјади брода.
Меѓународната поморска организација изрази загриженост поради тешката состојба во која се наоѓаат околу 20 илјади морнари заглавени на бродови во регионот на Персискиот Залив.
Генералниот секретар на Специјализирана агенција на Обединети нации задолжена за безбедноста на меѓународниот поморски сообраќај (ИМО), Арсенио Домингез, изјави дека бродскиот транспорт и морнарите не смеат да бидат користени како инструмент во геополитички конфликти.
Тој по обраќањето на состанокот на Советот за безбедност на Обединетите нации нагласи дека главна грижа на Агенцијата останува безбедноста и благосостојбата на морнарите заглавени во Заливот поради конфликтот.
Домингез додаде дека не постои правна основа било која земја да воведува плаќања, да наметнува такси или дискриминаторни услови на меѓународните морски теснеци.
Според него, во регионот на Персискиот Залив се заглавени речиси две илјади брода.
Тој потсети дека и Иран и Соединетите Американски Држави се потписнички на меѓународната конвенција на ИМО за безбедност на поморскиот сообраќај.