КАРГО ЖЕЛЕЗНИЧКИОТ ПРЕВОЗ СЕ ВРАЌА ВО ПРИЛЕП Проектот треба да заврши за 6 месеци до една година
Министерот за транспорт и врски вели дека компаниите се заинтересирани да го користат.
Работиме на оперативниот план на ревитализација на железницата и враќање на карго-превозот за што се заинтересирани прилепските големи компании. Планот треба да го реализираме за 6 до 12 месеци, трошоците на компаниите двојно ќе се намалат, а ние ќе ги зачуваме патиштата и животната средина – изјави Александар Николоски, вицепремиер и министер за транспорт, при денешната посета на Прилеп.
Николоски се сретнал и со големите прилепски компании.
– Сериозно работиме на ревитализација на железницата. Денеска се сретнав со најголемите компании од Прилеп и разговаравме повторно да се врати карго-сообраќајот во Прилеп, што ќе значи многу поевтин транспорт за компаниите и ќе значи повеќе работни места. Направивме оперативен план, кој треба да го реализираме во период од 6 до 12 месеци, и целосно да ја заживееме железницата. Ќе помогне за екологијата, но и да се заштитат големите инфраструктурни објекти, автопатиштата – изјави Николоски.
Министерот за транспорт направи увид на работите на уредувањето на патеките на кејот „1 Мај“ во Прилеп, еден од трите проекти што ги финансира Министерството за транспорт. Уредувањето на кејот со патеки и урбана опрема е при крај и е во должина од 700 метри, а во вредност од 7 милиони денари.
Николоски најави дека Прилеп, кој ја има целосната владина поддршка, ќе добие и два големи моста.
– Градот првпат ќе види два големи моста, кои се реализираат на реката. Едниот веќе е во градба, за вториот во тек е тендерска постапка, така што одиме со силна поддршка на Прилеп – рече Николоски.
За обиколницата кај Прилеп, Општината работи на проектирањето. По проектирањето, Владата ќе ја преземе обврската да најде изведувач, а ќе обезбеди и финансии за да се заврши проектот.