СЕРИЈА ДОЈАВИ ЗА БОМБИ ВО УЧИЛИШТА, РЕДАКЦИИ И ВО ИНСТИТУЦИИ ВО ХРВАТСКА Град Загреб очекува полицијата итно да ги најде заканувачите

Закана со бомба стигнала и во трговскиот центар „Арена Загреб“, кој би евакуиран.

59

Повеќе училишта и други објекти низ Хрватска беа евакуирани денеска поради серија нови закани за поставени експлозивни направи, а во тек се полициски инспекции, објавија надлежните институции.

Утрово, неколку училишта во Загреб, Сплит, Риека и во Дубровник добија анонимни електронски известувања за поставени бомби. Слични известувања добија и некои загрепски редакции, како што се порталите Индекс.хр и 24сата, како и градската администрација на Загреб.

Порталот Индекс објави дека е-поштата што пристигнала е потпишана од „vucicsrbija“.

Закана со бомба стигнала и во трговскиот центар „Арена Загреб“, кој би евакуиран.

„Алах нека ви помогне“, се вели на крајот од заканувачката порака.

Денеска Градот Загреб остро ги осуди „обидите за создавање немири кај децата и за нарушување на наставниот процес преку пријави за бомби во основните и средните училишта во Загреб“.

„Се надеваме дека и овој пат дојавите ќе се покажат како лажни, но ве потсетуваме дека лажните закани со бомби се исто така кривично дело. Се надеваме дека сторителите ќе бидат фатени што е можно поскоро. Тесно соработуваме со Полициската управа на Загреб и со Министерството за наука, образование и млади. Одлуките за евакуација на училиштата се донесуваат по консултации со полицијата“, соопшти Град Загреб.

Во текот на целата минатата недела, слични закани беа испратени на електронски адреси на бројни хрватски училишта и градинки, како и во трговски центри и во некои институции. Пет дена по ред пристигнуваа пријави до образовните институции, единиците на локалната самоуправа, Владата, Парламентот, полицијата и до некои медиуми, при што вкупно минатата недела беа пријавени повеќе од 500.

Полицијата спроведе антиексплозивни инспекции и сите дојави се покажаа како лажни.

Министерот за внатрешни работи, Давор Божиновиќ, минатата недела изјави дека пријавите за бомби се еден вид хибридна војна и дека сите пријави доаѓаат од лажни е-адреси и сервери регистрирани во странство.

Тој рече дека полицијата соработува со други европски земји, но не сакаше да каже за кои земји станува збор.

Божиновиќ изјави и дека пријавите се дел од процес што се случува и во други земји од регионот.

Министерството за образование претходно ги осуди сите дејствија што предизвикуваат страв и паника и рече дека ќе реагира на секоја закана, без оглед на сите лажни пријави.

Поврзани содржини