ТЕХНИЧКАТА ВЛАДА МОРА ДА ОСТАНЕ Ќе ја браниме со сите демократски средства, вели Филипче
За нов директор на националниот јавен сервис МТВ поставен е човек близок до премиерот Мицкоски, што е уште еден удар врз слободата и демократијата на медиумите – рече лидерто на СДСМ.
Техничката влада мора да остане и СДСМ ќе ги искористи сите демократски механизми за таа да не се укине – порача претседателот на СДСМ Венко Филипче на денешната прес-конференција.
– Ако целокупниот механизам, начин на владеење е само една имитација на механизмот со кој што владееше Никола Груевски до 2016 година, кога сите институции беа узурпирани од него лично, од негови блиски луѓе, од партиски луѓе, сега е истиот систем. Тогаш обвинители, судии од тефтерче. Сега повторно имаме исти луѓе за судии, обвинители, како и премиер, Христијан Мицкоски, кој што најавува, со чувства, како треба да работат судиите и обвинителите. Ваков притисок судството досега нема видено. Ова го нема во ниту една европска држава – рече Филипче.
Како дел од аргументите зошто не треба да се укине техничката влада, Филипче го посочи и поставувањето на новиот директор на Националниот јавен сервис МТВ, човек близок до премиерот Мицкоски, што е уште еден удар врз слободата и демократијата на медиумите.
– Ова е само уште еден сегмент, уште еден аргумент во прилог на тоа зошто Пржинската влада треба да остане. Новиот директор на МТВ е последниот сегмент во тој мозаик. Еден од темелите кои се сериозно поткопани. Националниот информативен сервис треба да биде независна институција. Не раководена од човек кој што слепо ќе извршува насоки и директиви од премиерот и дополнително е личен негов пријател – рече Филипче.
Тој додаде дека еден од клучните сектори, Министерството за внатрешни работи, власта веќе брутално го депрофесионализира и партизира.
– Со новиот Закон за полиција и со новата систематизација се укинува кариерниот напредок во МВР. Министерот за внатрешни работи со дискрециско право ќе може да назначува свои луѓе кои што не ги исполнуваат досегашните критериуми за напредок во службата. На тој начин МВР, целата полиција, ќе се депрофесионализира и брутално ќе се партизира – рече Филипче.
Дополнително, Филипче укажа дека нема заштитни механизми за податоците од снимките од системот Сејф сити.
– Не знаеме кој ги чува, на кои начин се складираат и како се користат сите информации од тој систем. Имајќи ја предвид историјата на ВМРО-ДПМНЕ со злоупотреба на безбедносните служби, прислушкувањето, разговорите кои што цела држава ги слушаше, не знаеме дали и сега повторно нема да се злоупотреби тој систем и да се следат членови на опозицијата – рече Филипче.