ПРИ КРАЈ СЕ ПОДГОТОВКИТЕ ЗА ДРЖАВНАТА МАТУРА Јаневска се надева на успешен процес

Подготовките за државната матура се во завршна фаза, а останува финалната организација на набљудувачи и тестатори. Министерството очекува мирен процес и подобри резултати од минатата година.

22

Во тек се подготовките за реализацијата на државната матура низ општините во земјата и активностите се во завршна фаза, соопшти министерката за образование Весна Јаневска одговарајќи на новинарско прашање.

Јаневска вели дека останува да се средат набљудувачите и тестаторите и да пристапат како лани на одржување на државната матура.

Министерката беше во Штип на означувањето на почетокот на функционирање на Центарот за сајбер безбедност во рамките на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип.

Јаневска истакна дека матурантите лани за разлика од претходните години покажале подобри резултати и дека се надева дека ќе има помалку употреба на недозволени активности од учениците, и со државната матура да нема никакви проблеми годинава.

Според министерката контролите за време на полагањето на државната матура се предвидени по процедура и, како што рече, станува збор за интегритет на луѓето кои ја спроведуваат.

– Јас се надевам дека од година во година тоа ќе биде сè поуспешно – рече Јаневска.

Таа истакна дека се зголемува и бројот на училишта што ја воведуваат едносменската настава, но дека расте и бројот на училишта кои се оптимизираат, а како што посочи, тоа е одлична вест за нашата држава.

– Во моментов таму каде што е најгусто населението или најголем бројот на ученици се уште сме во фаза на доградба на капацитети за спроведување на едносменската настава. Последното училиште кое јас го посетив во правец на едносменска настава, кое ќе почне од септември е училиште во општина Ѓорче Петров. Но, истото се случува, во фази и во други општини – рече Јаневска.

Министерката за образование и наука, Јаневска истакна дека досега 200 училишта во државата преминале на едносменска настава.

Поврзани содржини