ДЕНАРОТ СЛАВИ 34 ГОДИНИ Народна банка успешно ја чува неговата стабилност
Во изминатите три и пол децении, монетарната политика се соочи со бројни предизвици, вклучувајќи хиперинфлација во раните деведесетти години, макроекономска нестабилност, ниско ниво на девизни резерви и структурни слабости на економијата. Со внимателно осмислени политики и одлучни мерки, Народната банка изгради стабилен и отпорен монетарен систем.
По повод 34 години од монетарното осамостојување, Народната банка( НБ) го истакнува значењето на независниот монетарен систем како еден од носечките столбови на економската стабилност и развојот на државата.
-На 26 април 1992 година беше воведена националната валута – денарот, со што беа поставени темелите на монетарната независност на државата. Во изминатите три и пол децении, монетарната политика се соочи со бројни предизвици, вклучувајќи хиперинфлација во раните деведесетти години, макроекономска нестабилност, ниско ниво на девизни резерви и структурни слабости на економијата. Со внимателно осмислени политики и одлучни мерки, Народната банка изгради стабилен и отпорен монетарен систем – потсетуваат од Народна банка.
Според НБ, важен чекор во зацврстувањето на стабилноста беше воведувањето на стратегијата на стабилен девизен курс во 1995 година, а од 2002 година – врзувањето на денарот за еврото.
– Оваа стратегија и натаму е главното сидро на стабилноста и довербата во домашната валута и економијата во целина – велат од НБ.
Стабилноста на денарот, додаваат оттаму, беше успешно зачувана и во услови на светски кризи, вклучително и пандемијата на ковид-19, енергетската криза и геополитичките тензии. Преку соодветни инструменти и политики, Народната банка обезбеди стабилно ниво на девизните резерви и придонесе за одржување стабилен и отпорен банкарски систем, којшто постојано обезбедува поддршка за економијата.
Овој значаен јубилеј се одбележува во годината кога Народната банка слави и 80 години централнобанкарско работење во земјава. Двојниот јубилеј претставува потврда за континуитетот, институционалната зрелост и посветеноста кон стабилноста и развојот на финансискиот систем.
-Во изминатите триесет и четири години, институцијата постојано ги зајакнува своите капацитети и инвестира во човечкиот потенцијал, којшто е препознаен и на меѓународно ниво. Денес, Народната банка е модерна, независна и кредибилна институција, којашто е подготвена да се справи со новите предизвици – велат од НБ.
Оттаму наведуваат дека во фокусот и натаму е одржувањето на ценовната стабилност и на финансиската стабилност, поддршката на евроинтегративниот процес и осовременувањето и дигитализацијата на финансиите, како приоритети што ќе придонесат за натамошно јакнење на економијата и подобрување на животниот стандард.
-Народната банка и во иднина ќе биде целосно посветена на својата основна мисија – стабилен денар и сигурен финансиски систем, како предуслов за одржлив економски развој – велат од централната банка.