СИЉАНОВСКА ДАВКОВА МУ РЕКЛА НА РАДЕВ ДЕКА ОЧЕКУВА ПРИЈАТЕЛСКИ ОДНОС Претседателката му честитала на новиот бугарски премиер
Потенцирав дека за мене регионалниот пристап е важен, дека очекувам пријателски однос, конструктивен однос, разбирање на потребата од проширување. Очекувам, се разбира, организирање средба, изјави претседателката Гордана Сиљановска - Давкова откривајќи дека телефонски разговарала со новиот бугарски премиер.
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова во телефонски разговор му ја честитала победата на парламентарните избори на поранешниот бугарски претседател, сега лидер на Прогресивна Бугарија, Румен Радев, и притоа потенцирала дека од новата бугарска влада очекува конструктивен однос и разбирање на потребата од проширување.
– Се разбира. Му честитав, му пратив порака. А потем и ми се јави. Разговаравме. Му посакав успех, изразив уверување дека штом доби вака високо мнозинство тоа е гаранција за стабилност, дека веројатно бугарскиот народ, бугарските граѓани во него препознаа стабилен елемент на државата и нацијата, дека веројатно ќе може лесно да формира влада и да ја оствари својата програма – рече претседателката во изјавата за медиумите денеска во Собранието, на маргините на XX Конференцијана претседатели/спикери на парламенти на Јадранската и Јонската иницијатива.
Сиљановска – Давкова посочи дека мнозинството и стабилноста се и за нас важни затоа што, како што нагласи, „ќе имаме со кого да разговараме“.
– Потенцирав дека за мене регионалниот пристап е важен, дека очекувам пријателски однос, конструктивен однос, разбирање на потребата од проширување. Очекувам се разбира организирање средба – изјави претседателката Сиљановска – Давкова.
Радев на парламентарните избори во неделата во Бугарија освои апсолутно мнозинство пратеници.