ПАЗАРНИТЕ ИНСПЕКТОРИ ТРГНАА ВО КОНТРОЛА НА ТРГОВЦИТЕ СО ВЕШТАЧКИ ЃУБРИВА Ќе се контролира дали ги применуваат ограничените маржи

Пазарниот инспекторат апелира сите економски оператори во големопродажба и малопродажба да постапуваат во согласност со донесените одлуки, со цел обезбедување фер пазарни услови и заштита на интересите на земјоделците и граѓаните.

36

Државниот пазарен инспекторат најавува засилени инспекциски контроли на работењето на трговците со вештачки ѓубрива по одлуката на владата за ограничување на маржите и за континуирано снабдување со производот кои ќе се применуваат до 31 мај годинава.

– Контролите ќе бидат насочени кон доследна примена на утврдените мерки на владата и тоа: како највисоки цени на залихите во трговијата на големо на неоргански ѓубрива се утврдуваат цените што се применувале во трговијата на големо на 15 април 2026 година, намалени за 10%; се ограничува највисоката бруто-профитна маржа во трговијата на големо и мало на неорганските ѓубрива до 5%; се ограничува највисоката бруто-профитна маржа во трговијата на големо и мало на органските ѓубрива, органо-минералните ѓубрива, биостимулаторите и подобрувачите на својствата на почвата до 10% – велат од Пазарниот инспекторат.

Како што е соопштено, ќе се контролира и обврската за континуирано снабдување на пазарот со вештачки ѓубрива.

-Трговците на мало се должни месечно да обезбедуваат и продаваат најмалку 70% од просечната количина што ја набавиле во 2026 година, додека трговците на големо се обврзуваат да ги снабдуваат трговците на мало со најмалку 70% од просечно продадените количини – појаснуваат од инспекторатот.

Државниот пазарен инспекторат, велат оттаму,  ќе постапува по сите утврдени неправилности и ќе изрекува соодветни мерки и санкции согласно со законските надлежности.

Пазарниот инспекторат апелира сите економски оператори во големопродажба и малопродажба да постапуваат во согласност со донесените одлуки, со цел обезбедување фер пазарни услови и заштита на интересите на земјоделците и граѓаните.

 

Поврзани содржини