УШТЕ НЕ Е СПАСЕН КИТОТ ТИМИ, ПЛАНОТ СЕ МЕНУВА Малото запливување не беше доволно да се отсука од дното

Китот заглавен кај германскиот брег сè уште не е спасен, откако досегашниот план пропадна. Властите и експертите сега бараат нов пристап, додека состојбата на животното останува неизвесна.

52

Китот накратко отпливал во понеделникот. Но, се задржал по околу два часа. Повторно останал во близина на влезот во Визмарскиот Залив.

Станува збор за машки кит долг 12 метри. Германските медиуми го нарекле Тими. Тој веќе три недели е заглавен во плитките води.

Случајот ја разбранува германската јавност, а милијардери се понудија да помогнат. Еден од нив изјави дека „ако може да одиме на Месечината, мора да може да спасиме кит“.

„Планот се отфрла, концептот се ревидира“

Регионалниот министер за животна средина Тил Бакхаус изјави дека претходниот пристап повеќе не е опција. Подигнување со воздушни перници и транспорт со понтони нема да се применува. Овој модел не дал резултати.

– Концептот за спасување мора да биде ревидиран – изјави Бакхаус.

Тој додава дека новите мерки мора да бидат научно засновани.

– Сите понатамошни чекори мора да ја земат предвид состојбата на животното – додаде тој.

Шансите за успех се мали?

Експертите од Меѓународната комисија за лов на китови препорачуваат смирен пристап. Тие укажуваат дека активните обиди за спасување можат да бидат ризични. Според нив, шансите за успех се мали.

Овој став се совпаѓа со претходните научни проценки. Активното извлекување може дополнително да го загрози животното. Затоа се бара внимателен пристап.

Влажни крпи и уред за следење

На китот му е поставен уред за следење. Ова треба да помогне ако повторно се придвижи. Паралелно, се работи на олеснување на притисокот врз неговото тело.

Морското дно се преобликува за подобра потпора. Грбот на китот се покрива со влажни крпи. Целта е заштита од сонцето и дополнителен стрес.

Критиките растат, ветеринарите на терен

Случајот предизвика реакции во јавноста. Дел од критиките се насочени кон пристапот на властите. Министерот појасни дека приватната иницијатива нема формално одобрение.

Сепак, таа била толерирана според законот. Тој дозволува помош на животни во неволја. На терен постојано има ветеринари.

Китот е заглавен од 31 март. Претходно неколкупати се насукувал долж балтичкиот брег. Состојбата и натаму се следи.

Поврзани содржини