ЗЕЛЕНСКИ БЕСЕН, „УКРАИНА НЕ Е ПОДОЦНА“ Прво мир во Иран, па потоа на фронтот во Eвропа?
Претседателот на Украина предупредува дека војната во Иран го оттурнува украинското прашање од фокусот на САД. Тој бара паралелни напори, додека Украина се соочува со недостиг од оружје и финансиска поддршка.
Претседателот на Украина Володимир Зеленски предупреди дека војната во Иран го оттурнува вниманието од руската агресија врз Украина. Тој нагласи дека е ризично мировните напори да се одложат, јави Си-Ен-Ен.
Лидерот на Украина изјави дека техничките разговори со САД продолжуваат но, не гледа можност за директна средба додека „прашањето за Иран не се затвори“.
Зеленски посочи дека истиот американски тим, редводен од пратеникот Стив Виткоф и Џаред Кушнер, учествува во двата процеса за мир. Тоа дополнително ја усложнува динамиката. Украина, според него, не смее да биде оставена на страна.
„Украина не е подоцна“
– Не е опција да се каже дека за Украина ќе зборуваме подоцна. Украина не е „подоцна“. Таа веќе е во голема трагедија и мораме истовремено да бараме решение – рече Зеленски.
Тој нагласи дека разбира оти САД се фокусирани на Блискиот Исток. Но, додава дека паралелни дипломатски процеси се неопходни.
Испораките од САД се намалуваат
Украинскиот претседател предупреди дека војната во Иран влијае врз испораките на вооружување за Украина. Особено, според него, недостигаат противбалистички ракети. Причината се ограничените производствени капацитети во САД.
Ова директно ја погодува одбранбената способност на Украина. Во услови на интензивни борби, секое доцнење има последици. Зеленски укажува дека снабдувањето не е доволно.
90 милијарди – прашање на опстанок
Зеленски се осврна и на помошта од Европската Унија. Тој рече дека кредитот од 90 милијарди евра за Украина е прашање на опстанок. Без тие средства, Украина не може да произведе доволно оружје.
– Тоа е прашање на живот и опстанок – изјави Зеленски.
Украинскиот лидер додаде дека финансиската поддршка е клучна за одбраната. Ова, според него, е предуслов за било какво решение.