МАКЕДОНСКИТЕ ГРАЃАНИ ЗА КУПУВАЊЕ ОНЛАЈН ВО СТРАНСТВО ПОТРОШИЛЕ 428 МИЛИОНИ ЕВРА Најмногу плаќале авиобилети и резервации во хотели

Просечната трансакција изнесува 34 евра и е помала за 11% во однос на 2024 година.

49

Македонските граѓани лани во странство најчесто онлајн плаќале патување, односно купувале авиобилети и плаќале резервации во хотели, покажува анализата на Асоцијацијата за е-трговија која се темели на податоците на Народна банка.

Според оваа анализа, граѓаните во странство потрошиле 427,8 милиони евра и направиле 12,4  милиони трансакции, што е за 50% повеќе од претходната година по вредност и 69% повеќе по број на трансакции.

Просечната трансакција изнесува 34 евра и е помала за 11% во однос на 2024 година. При тоа, 74% од вредноста и 83% од бројот на направените трансакции се во Ирска, Холандија, Обединето Кралство, САД, Унгарија, Германија, Кипар и Луксембург.

Најголема вредност на е-трансакции во Ирска, во износ од 92,1 милиони евра, со пораст од 173% во однос на минатата година, додека во Холандија е остварена вредност од 62,4 милиони евра и пораст од 49% во однос на минатата година.

Во Ирска е направен и најголем број односно 4,8 милиони е-трансакции, а потоа 2,1 милиони во САД, додека најголем годишен пораст на бројот на е-трансакциите во 2025 година е забележан во Германија скоро 650% и  во Кипар 263%. Пад е забележан во Луксембург на бројот на е-трансакциите од скоро 50% и во Обединетото Кралство од скоро 9%.

Највисока просечна вредност на е-трансакција Македонците оствариле во Унгарија од 152,2 евра, иако помалку од лани за 2,1%, додека во Луксембург направиле најниска просечна трансакција и истата изнесува 14,1 евра. Во 2025 година се забележува драстичен пад на просечната трансакција во Германија од скоро 70% која минатата година беше највисока и изнесуваше 214,2 евра.

-Ирска има најголемо учество и во вредноста и во бројот на трансакции, пред сè зашто таму се лоцирани европските операции на глобални компании како Amazon, Google, Meta и Apple, но дополнително и таму оди наплатата за купувањата од Temu, како и бројни дигитални услуги, апликации и subscription платформи. Веднаш потоа следи Холандија, како значаен е-commerce и логистички хаб во Европа, но и седиште на платформи како Booking.com, што ја објаснува нејзината силна позиција, особено во сегментот на патувања и резервации. САД имаат значајно учество, што е очекувано имајќи предвид дека таму се седиштата на дел од најголемите глобални платформи како Amazon, eBay, Netflix и други дигитални сервиси. Обединетото Кралство останува важен пазар поради развиената онлајн малопродажба и големиот број е-трговци кои директно продаваат на европските пазари – вели претседателката на Асоцијацијата Нина Ангеловска Станков.

 

Поврзани содржини