ПОЧИНА УШТЕ ЕДЕН ФРАНЦУСКИ ВОЈНИК, РАНЕТ ВО ЗАСЕДАТА ВО ЛИБАН Го даде животот за Франција, објави Макрон
Земјата, која утре ќе му оддаде почит на аѓутантот Флоријан Монторио, ќе му оддаде последна почит и на капларот Анисе Жирарден, рече францускиот претседател Емануел макрон и изрази сочувство до нивните семејства.
Втор француски војник од Привремените сили на Обединетите Нации во Либан (УНИФИЛ) почина денеска, објави францускиот претседател Емануел Макрон.
Војникот им подлегнал на повредите здобиени во истата заседа во која во саботата беше убиен аѓутантот Флоријан Монторио, појасни шефот на француската држава.
Според француските власти, заседата била организирана од проиранската група Хезболах, која дејствува во Јужен Либан, а либанското шиитско движење го негираше ова тврдење.
„Капларот Анисе Жирарден од 132. пешадиски полк од Суип, кој вчера беше вратен во татковината од Либан каде што беше тешко ранет, почина утрово од повредите“, напиша Макрон на социјалната мрежа Икс.
Тој додаде дека војникот го дал својот живот за Франција. Земјата, која утре ќе му оддаде почит на аѓутантот Флоријан Монторио, ќе му оддаде последна почит и на капларот Анисе Жирарден, дополни претседателот и изрази сочувство до нивните семејства.
Макрон ги истакна „борбените задачи што примерно ги извршуваат француските војници во редовите на УНИФИЛ, служејќи со храброст и решителност како за татковината, така и за зачувување на мирот во Либан“.