ИЗЛОЖБА НА ЏОНИ ДЕП ВО ДВЕ ГАЛЕРИИ ВО ГЕРМАНИЈА Цените на сликите на холивудската ѕвезда достигнуваат и до стотици илјади евра

Според организаторите на изложбите во Германија, цените на уникатните, оригинални дела на Деп се проценуваат од околу 10.000 евра (почетна цена), а во зависност од големината, техниката и побарувачката, некои од нив можат да достигнат и шестцифрени суми.

53

Џони Деп можеби е најпознат по своите ексцентрични улоги на екранот, но долго пред славата, тој творел уметнички дела и продолжил да го прави тоа и во иднина, па и сега.

Уметничките слики на холивудската ѕвезда Џони Деп ќе бидат изложени во две галерии во Хесен, Германија.

На 24 април изложбата ќе биде во галеријата Билдер фукс (Bilder Fuchs), во Фулда, а еден ден подоцна неговите дела ќе можат да се видат и во галеријата Арт (Art), Висбаден. Од галериите во Фулда и Висбаден наведуваат дека интересот на јавноста е исклучително голем. Претставниците на галериите додаваат дека ова е првпат делата на Деп да бидат изложени во Германија во толкав обем, и покрај тоа што, пред околу еден месец биле изложени во галерија, во градот Емендинген.

Во Фулда и Висбаден ќе биде прикажан избор од графичките дела на Деп, меѓу кои се и мотиви од неговите познати серии „Одрази“ („Reflections“), „Генезата на Човекот-зајак“ („Bunny Man’s Genesis“), „Пет“, „Алигатор“ („Gator“) и „Куќата што Џони ја изгради“ (The House That Johnny Built“).

Покрај графиките, изложбата вклучува и уникатни уметнички дела, меѓу кои акварели, цртежи и монотипии кои се дел од неговото поново ликовно творештво.

Според организаторите, цените на делата на Деп започнуваат од околу 995 евра за нумерирани и рачно потпишани изданија. Овие изданија во рамки на истиот уметнички жанр можат да достигнат и до околу 7.000 евра. Уникатните, оригинални дела се проценуваат од околу 10.000 евра (почетна цена), а во зависност од големината, техниката и побарувачката, некои од нив можат да достигнат и шестцифрени суми.

Кураторот на галеријата во Фулда, Томас Шток, како посебно значајна ја издвојува колекцијата „Пет“, во која, според него, Деп преку уметнички израз ја прикажува емоционалната исцрпеност и личните предизвици низ кои поминувал во одреден период од својот живот.

Актерот првпат ги претстави своите уметнички дела во 2022 година, а од тогаш неговите изложби беа организирани и во Њујорк, Лондон и Токио, каде што неговите уметнички дела привлекоа големо внимание од јавноста и колекционерите на слики.

Двете изложби ќе бидат отворени до 24 мај.

 

Поврзани содржини