ОТВОРЕНО СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ВО РАКОМЕТ ЗА СРЕДНОШКОЛЦИ Скопје домаќин на над 700 млади ракометари од 21 држава

На, првенството, кое го отворија претседателката Гордана Сиљановска Давкова и градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, ќе се натпреваруваат 23 машки и 16 женски екипи во 6 спортски сали во Скопје.

47

Со свечено дефиле на учесниците и културно-уметничка програма на плоштадот Македонија вечерва во Скопје официјално е отворено Светското училишно првенство во ракомет 2026, кое за првпат се одржува во Македонија во организација на Федерацијата за училишен спорт, под покровителство на Министерството за спорт.

Главниот град во наредните денови ќе биде светска ракометна мапа на младинскиот спорт, обединувајќи над 700 млади ракометари и ракометарки од 21 делегација од Европа, Азија, Блискиот Исток и од Латинска Америка.

На шампионатот што се одржува до 29 април ќе учествуваат репрезентации од Белгија, Бразил, Бугарија, Кина, Хрватска, Кипар, Грузија, Германија, Грција, Израел, Косово, Луксембург, Република Српска, Романија, Саудиска Арабија, Србија, Словачка, Шведска, Турција, Бангладеш, како и од домаќинот Македонија.

Ќе се натпреваруваат 23 машки и 16 женски екипи. Првенството ќе се одигра во 6 спортски сали во Скопје – СРЦ „Македонско сонце“, СРЦ „Архиепископ Доситеј“, СРЦ „Кочо Рацин“, СРЦ „Крсте Мисирков“ и СРЦ „Антон Димитров“.

Финалните натпревари ќе се одиграат на 28 април во спортската сала „Расадник“, кога ќе се одржи и свеченото затворање на првенството.

Во рамки на настанот, на 25 април е предвиден „Cultural Day“, посветен на културна размена и запознавање со македонското културно и историско наследство, како и „Nations Night“, на кој делегациите ќе ги претстават своите земји преку традиција, музика и гастрономија.

27-то светско првенство во ракомет за средношколци го отвори претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Во своето обраќање,таа потсети на македонските ракометни успеси, меѓу кои и историскиот настап на македонската репрезентација на Европското првенство во 2012 година, како и европските титули на РК „Вардар” во 2017 и 2019 година и успесите на ЖРК „Кометал Ѓорче Петров”.

– За нас, ракометот не е само спортска дисциплина, туку и дел од националниот идентитет, извор на гордост, мегдан на којшто со години достоинствено се претставуваме. Се изнедрија генерации спортисти, кои станаа пример за дисциплина, одговорност и за тимска игра, а токму тие доблести имаат и поширока вредност, зашто подеднакво се потребни и надвор од теренот, во општеството и во секојдневниот живот – нагласи Сиљановска Давкова.

Таа додаде дека за неа ракометот е повеќе од игра, животна филозофија во којашто се спојуваат дисциплината и страста, разумот и храброста, личниот напор и колективниот дух.

Рече дека во младите ракометари, гледа не само претставници на нивните училишта, градови и држави, туку витези во спортот што чесно победуваат, достоинствено го поднесуват поразот и секогаш го почитуваат противникот.

Прогласувајќи го првенството за отворено, претседателката потсети дека Скопје е град со долга историја, култура и космополитска енергија и претстојна Европска престолнина на културата во 2028 година.

Првенството го отвори и градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

–  Упатувам искрени честитки до министерот за спорт, мојот драг пријател Борко Ристовски, жива легенда на ракометот, кој со својата кариера и посветеност го издигна спортот на едно повисоко ниво и стана инспирација за многу генерации. Искрени честитки и до претседателката на училишниот спорт во Македонија, Елена Мицковска за нејзината посветеност, визија и неуморна работа во развојот на младинскиот спорт и создавањето нови можности за младите таленти – објави тој на фејсбук.

Скопје и Македонија денес се вистински центар на спортската енергија, место каде што се спојуваат култури, се градат пријателства и се испишуваат нови спортски приказни кои ќе се паметат, додаде Ѓорѓиевски.

Поврзани содржини