ПАТОТ ДО ЕУ СЕ ГРАДИ СО АДМИНИСТРАЦИЈА ШТО ИСПОРАЧУВА РЕЗУЛТАТИ Минчев на министерска конференција во Будва
Инвестицијата во знаење и во компетенции е инвестиција во силни институции и одржлива европска иднина, вели министерот за јавна администрација, Горан Минчев.
Македонија веќе спроведува суштински и системски промени насочени кон изградба на професионална, ефикасна и департизирана јавна администрација, усогласена со европските стандарди, рече министерот за јавна администрација Горан Минчев во обраќањето пред високи претставници од Европската Унија и земјите од Западен Балкан на министерската конференција „Од реформи до подготвеност: градење лидерство и таленти за пристапување во ЕУ, што се одржа во Будва, рамки на Берлинскиот процес.
– Патот кон Европската Унија не се гради само преку усогласување на законите, туку преку институции што функционираат и администрација која испорачува резултати – истакна Минчев.
Тој потенцираше дека реформите се темелат на зајакнување на лидерството, воспоставување на современа законска рамка и на забрзување на дигиталната трансформација. Го нагласи донесувањето на новите закони за административни службеници, за вработените во јавниот сектор и за обука и стручно усовршување, како и подготовката на законот за високи раководители, со кој се воспоставува јасен и мерит-базиран систем за избор и оценување на раководниот кадар.
Посебен акцент стави на воспоставувањето на Академијата за обука на административните службеници како клучен механизам за континуиран професионален развој и градење на нова генерација јавни службеници.
– Инвестицијата во знаење и во компетенции е инвестиција во силни институции и одржлива европска иднина – нагласи министерот Минчев.
Во рамки на конференцијата, учесниците усвоија заеднички заклучоци кои ја рефлектираат заедничката визија за иднината на јавната администрација во регионот.
Беше нагласено дека професионална и ефикасна јавна администрација е клучна за демократско управување и напредок кон ЕУ, при што зајакнувањето на капацитетите, мерит-системот и политичката посветеност се стратешки приоритети. Силното лидерство, управувањето со таленти и добрите работни услови се важни за ефективни институции, додека дигиталната трансформација и агилноста ја подобруваат ефикасноста и транспарентноста.
Исто така, беше истакната улогата на регионалната мобилност поддржана од РеСПА како алатка за размена на знаења и приближување кон ЕУ практиките.
Со учеството на оваа конференција, Македонија уште еднаш ја потврди својата јасна определба за продолжување на реформите, зајакнување на институционалните капацитети и забрзување на процесот на пристапување кон Европската Унија, соопштија од Кабинетот на министерот за јавна администрација.