ФАТЕНА РИСИЦА НА ПЛАНИНАТА БАБА САЧ Ловџиите ѝ го дале името Благица
Македонско еколошко друштво соопшти дека пред десетина дена, во соработка со кичевското Здружение на ловци „Елен“, фатиле рисица на планината Баба Сач. По повод Благовец, ловџиите ѝ го дале името Благица.
Станува збор за здрава единка, стара околу 4–5 години и тешка 17 кг.
– Благодарение на соработката со Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје, на терен со нас беше и доктор по ветеринарна медицина кој ја провери нејзината здравствена состојба (земање крв и брисеви, проверка за крлежи и сл.). Оттогаш, ја следиме Благица и гледаме дека се движи на планините Баба Сач и Илинска-Плакенска, планини каде што никогаш досега не сме следеле рис со методот на радиотелеметрија. Во меѓувреме, ловџиите од „Елен“ успеаја да најдат прв плен (срна), што потврдува дека по успивањето и ставањето околувратник, нејзината состојба е добра. Останува да видиме дали наскоро ќе има принова. Тоа е од огромно значење за понатамошниот опстанок на рисот, поради што женките се позначајни за следење од мажјаците – соопшти Македонско еколошко друштво.