МИНИСТЕРКАТА НЕ ОЧЕКУВА МАТУРАНТИТЕ ДА ПРЕПИШУВААТ Познати се датите за екстерните испити

65

Во согласност со новиот Закон за средното образование, оваа година матурантите ќе полагаат три типа завршен испит – државна матура, државна стручна матура и државна уметничка матура.

– Соодветно на тоа од која област доаѓаат учениците така и ќе полагаат затоа што постои разлика во општообразовните предмети на гимназиското, средното стручно и уметничкото учење. Помал е обемот и бројот на часови во стручните и во уметничките училишта и овој пат материјалот што ќе го полагаат учениците ќе биде приспособен на она што тие го изучувале во текот на четири години – изјави министерката Весна Јаневска.

Таа не очекува да има препишувања посочувајќи дека минатата година имало многу помалку препишувања или обиди за снаоѓање на ученците.

– Тоа нè охрабрува. Самото промовирање на тоа дека матурата тие треба да ја сфатат како завршување на нивното средно образование, а не како нешто страшно, како процена на нивното знаење за понатамошниот живот, предизвика ефект. Но, секако, се работеше и со оценувачите и со набљудувачите, и минатата и оваа година, и јас сум длабоко убедена дека и оваа година процесот ќе биде така како што треба да биде – изјави министерката Јаневска пред почетокот на настан организиран од ИНОВА.

Според календарот на Државниот испитен центар (ДИЦ), кој ги организира и спроведува екстерните испити, државна матура 2025/2026 гимназијалците ќе полагаат на 6 јуни за кога е закажан тестот по англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, италијански јазик, математика или историја, а на 11 јуни ќе го полагаат испитот по мајчин јазик и литература (македонски јазик и литература, албански јазик и литература, турски јазик и литература, српски јазик и литература).

Учениците што ќе полагаат државна стручна матура првиот екстерен испит ќе го полагаат исто така на 6 јуни и ќе избираат помеѓу тест за англиски јазик или тест за математика. Екстерниот испит по мајчин јазик и литература учениците од стручните училишта ќе го полагаат на 12 јуни.

Државна уметничка матура ќе се полага на 6 јуни (англиски јазик или историја) и на 12 јуни – испитот по мајчин јазик и литература (македонски, албански, турски, односно српски јазик).

Поврзани содржини