ИРАН НЕ ИСПРАТИ ДЕЛЕГАЦИЈА ВО ИСЛАМАБАД Нема да преговора додека САД не ја тргнат блокадата

Клучна точка во спорот останува американската поморска блокада на иранските бродови и пристаништа. Трамп објави дека ќе ја задржи блокадата додека не се постигне договор.

86

Иран сè уште не испратил никакви претставници на разговорите со САД во Исламабад, пренесуваат државните медиуми. Ниту експерти за прелиминарни дискусии, ниту главна делегација не отпатувале во пакистанската престолнина, се наведува во извештајот на државното радио, пренесе ДПА.

Владини претставници нагласија дека преговорите нема да се водат под сенка на „закани и кршење на договорите“, јавија државните медиуми.

Втората рунда разговори со САД би зависела од тоа дали Вашингтон ќе отстапи од своите позиции, иако не беа дадени дополнителни детали.

Клучна точка во спорот останува американската поморска блокада на иранските бродови и пристаништа. Претседателот Доналд Трамп на мрежата Трут соушл објави дека ќе ја задржи блокадата додека не се постигне договор.

Според пакистански безбедносни извори, Техеран го услови своето учество во разговорите со укинување на блокадата.

Двонеделниот прекин на огнот меѓу САД, Израел и Иран треба да истече утре. Трамп за Блумберг вчера изјави дека е „малку веројатно“ дека ќе го продолжи прекинот на огнот без договор.

Поврзани содржини