ПРЕД НАС Е НАЈГОЛЕМАТА ЕНЕРГЕТСКА КРИЗА ВО ИСТОРИЈАТА Последиците ќе бидат огромни
Глобалните енергетски пазари се во полоша состојба отколку за време на претходните големи кризи од 1973, 1979 и 2022 година.
Директорот на Меѓународната агенција за енергија (IEA), Фатих Бирол, изјави дека конфликтот меѓу Иран, Соединетите Американски Држави и Израел ја создава најтешката енергетска криза со која светот досега се соочил.
Во интервју за Радио франс интер (Radio France Inter), Бирол изјави дека „ова навистина е најголемата криза во историјата“, посочувајќи дека влошената ситуација е комбинација од нарушувањата на пазарите на нафта и гас и веќе постоечките проблеми предизвикани од војната меѓу Русија и Украина.
Според него, глобалните енергетски пазари се во полоша состојба отколку за време на претходните големи кризи од 1973, 1979 и 2022 година.
Блискоисточниот конфликт доведе до нарушувања во поморскиот сообраќај низ Ормуската Теснина, преку кој поминува околу една петтина од светските испораки на нафта и течен природен гас. Тоа дополнително го оптоварува глобалното снабдување со енергенси, веќе засегнато од намалените руски испораки кон Европа.
ИЕА претходно овој месец соопшти дека е подготвена да ослободи рекордни 400 милиони барели нафта од стратешките резерви со цел да се ублажи растот на цените предизвикан од кризата.