📷 МАКЕДОНИЈА ГО НАДМИНУВА НАТО СТАНДАРДОТ ЗА ВЛОЖУВАЊЕ ВО МОДЕРНА ОПРЕМА Амбасадорот на САД во НАТО ја посети касарната „Илинден“

Министерот за одбрана Владо Мисајловски истакна дека македонскиот одбранбен буџет е во нагорна линија и е согласно предвидениот план на раст, за време на средбата со амбасадорот на САД во НАТО, Метју Витакер.

198

Инвестициите во Армијата, исполнувањето на НАТО-целите на способности и зацврстувањето на колективната одбрана на Алијансата беа темите на кои денеска во касарната „Илинден“ разговараа министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и амбасадорот на САД во НАТО, Метју Витакер.

Министерот Мисајловски истакна дека македонскиот одбранбен буџет е во нагорна линија и е согласно предвидениот план на раст, како и дека од него 32,5 проценти се наменети за набавка на нова и модерна опрема.

– Нашата држава е кредибилен сојузник со исклучително високо ниво на инвестиции во процесот на модернизација и опремување. Државата сериозно го надминува НАТО стандардот од 20 проценти за оваа намена – рече Мисајловски.

Тој додаде дека државата е на добар пат да го исполни заеднички договореното ниво од 3,5% од БДП наменети за одбранбениот буџет и 1,5% од БДП за активности и проекти поврзани со одбраната до 2035 година.

Фото: АРМ

 

Генералот Лафчиски информираше дека во тек е вежбата „Блесок 26“ на која ќе се изврши оценување на Лесната пешадиска баталјонска група. Тој ја истакна поддршката на САД и сојузниците за остварување на оваа НАТО цел на способност.

Во текот на посетата, припадници од Баталјонот на специјални сили и Извидувачко-разузнавачкиот баталјон реализираа методско-показна вежба, на која беа презентирани дел од нивните способности, обученост и подготвеност за извршување сложени мисии.

По вежбата Витакер имаше можност да го обиколи тактичко-техничкиот збор, каде беа изложени дел од средствата, вооружувањето, опремата и возилата со кои располагаат единиците на Армијата.

На настанот присуствуваа: вршителот на должност шеф на Мисијата на Амбасадата на САД, Никол Варнс, генерали во Армијата и претставници од Армијата, Министерството за одбрана и од Амбасадата на САД.

Посетата на амбасадорот на САД во НАТО, Метју Витакер, претставува потврда за силното партнерство и сојузништво меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави.

Фото: АРМ
Поврзани содржини