КОНЕЧНО БУГАРИЈА ИМА СТАБИЛНА ВЛАДА ШТО МОЖЕ ДА ПРЕЗЕМЕ ОДГОВОРНОСТ Македонија е успешна во ЕУ-реформите, Софија треба да го препознае тоа

Конечно ќе имаме еден стабилен партнер којшто ќе треба да ја преземе одговорноста за блокирањето на целиот регион, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков.

155

Изборите на една суверена држава се секогаш внатрешно прашање на таа држава, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков и ја честиташе победата на Румен Радев на парламентарните избори во Бугарија.

– Значајно е да имаме стабилен сосед, којшто ќе може да преземе одговорност за своите постапки, затоа што вистинскиот пат кон ЕУ, и тоа сме го кажале, не е преку процесот на билатерални проблеми, туку преку преку процесот на исполнување на реформите кои што се задолжителни од ЕУ. Конечно ќе имаме еден стабилен партнер којшто ќе треба да ја преземе одговорноста и да одговара за блокирањето на целиот регион – рече Лефков во гостување на регионалната телевизија Њусмакс.

Тој кажа дека владите во современиот свет имаат одговорност кон своите гласачи и населението, но и дека имаат одговорност кон регионот во кој се наоѓаат.

– Бугарија и бугарската Влада ќе може сега да изберат пат, дали ќе значат стабилност во регионот, дали ќе ја продолжат соработката со Република Македонија, на оние полиња на кои што треба да ја продолжи една влада којашто работи и за своите граѓани и за регионот. Притоа мислиме на поврзувањето, на заедничката соработка на многу различни полиња, наместо она со кое што досега се среќававме, блокади, предизвикување проблеми – истакна Лефков.

Според него, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ работи солидно во насока на исполнување на реформската агенда и сите реформи кои се наложени од европскиот пат.

– Бугарската Влада знае дека има солиден партнер во македонската Влада. Се надеваме дека и тие ќе бидат на нивото на задачата и нема да влеземе во еден процес на дополнително блокирање. Она што е најважно, е тоа дека европските стандарди, европските критериуми се за доброто на народот, за доброто на сите. Затоа што, на крајот на денот, секој граѓанин има корист од поквалитетно управување со јавни финансии, секој има корист од реформа во јавната администрација. Сите граѓани имаат корист од владеење на правото и реформи во судството. Сметам дека нашиот источен сосед, како земја членка на ЕУ, со новата Влада треба да ги препознае овие вредности и да работиме на подобрување на поврзаноста, инфраструктурата и на сите други полиња на кои што можеме да соработуваме – заклучи Лефков.

Поврзани содржини