СТОБИ СО ОСТРА РЕАКЦИЈА ДО СДСМ Институцијата со факти ѝ одговори на опозицијата

По нападите од СДСМ и посетата на министерот Љутков, од НУ Стоби порачаа дека културното наследство не смее да биде дел од дневно-политички пресметки.

414

НУ Стоби реагираше на, како што наведуваат, нападите од СДСМ, истакнувајќи дека културното наследство не треба да се користи за дневно-политички препукувања, особено по неодамнешната посета на министерот за култура Зоран Љутков.

Од институцијата велат дека нивната работа се темели на стручни стандарди и факти и дека соработките и проектите на локалитетот се резултат на долгогодишна работа на тимот, а не на политички политики.

1. Соработката на НУ Стоби со фондацијата Балканско наследство е воспоставена од 2010 г. и секоја година до денес, освен за време на пандемијата со Ковид19, беа реализирани успешни меѓународни школи за археологија и работилници за конзервација, како и други проекти, благодарение исклучиво на ТИМОТ НА НУ СТОБИ, и никако на „континуитет на политики воспоставени во време на СДСМ“ како што се вели во соопштението на комисијата што викендов излезе во јавноста.

2. Иницијативата за соработка со „J.M. Kaplan Fund“, дојде во февруари 2018 година преку д-р Џорџ Беван, долгогодишен соработник во меѓународните школи за археологија кои НУ Стоби ги реализираше со фондацијата Балканско наследство, со најава за интерес упатена прво лично до д-р Силвана Блажевска, а потоа и официјално до нашите партнери Балканско наследство. Генералниот план за конзервација на Стоби е сработен во соработка меѓу тимот на НУ Стоби, фондацијата Балканско наследство и домашни и странски експерти, а Основниот проект за конзервација на Теодосијанската палата од тимот на НУ Стоби, врз основа на фотограметриска документација креирана од д-р Џорџ Беван и неговиот тим во 2017 г.

„Во однос на т.н. „политики воспоставени во време на СДСМ“, нивниот придонес во рамки на стратешката работа на НУ Стоби е ограничен и маргинален, пред сè на ниво на редакциски интервенции, поточно три (поправени) реченици во предговорот на Генералниот план за конзервација од тогашното раководно лице на установата. Основ за припишување позначајни заслуги би постоел доколку од овие „политики…“ произлегоа конкретни и оперативни идеи што би нашле примена во стручната и проектната практика“, велат од НУ Стоби.

Во реакцијата се посочува дека дел од проектите за локалитетот биле иницирани уште пред повеќе години, додека одредени активности биле реализирани со ограничувања, што довело до нефункционални решенија кои сега дополнително се доработуваат.

„Со длабока почит до Комисијата за култура на СДСМ, тимот на НУ Стоби ве замолува да имате барем малку доблест и да не ја мешате институцијата во вашите обиди за дневно-политички препукувања“, наведуваат од НУ Стоби.

Оттаму додаваат дека институцијата продолжува со активности за подобрување на условите на локалитетот и нагласуваат дека приоритет останува заштитата и унапредувањето на културното наследство.

Поврзани содржини