НАГРАДАТА „РОКСАН СТОЈАНОВ“ ЈА ДОБИ ВИОЛА ИМЕРИ Ѕвездата на Париската опера се потсети на почетоците на скопските штици
Роксан Стојанов е исклучителна уметница со македонско потекло, чија кариера започнала во Скопје, а врвните достигнувања ги остварила во Европа, но и пошироко во светот.
Со настапот на младите македонски балетски надежи и на ѕвездата на Париската опера, Роксан Стојанов, како и со солистот Антонио Конфорти, вчеравечер, на сцената на Македонскиот народен театар, беше отворено 22. издание на „Танц фест“, на кое првпат беше доделена и наградата „Роксан Стојанов“, која годинава ја доби Виола Имери, ученичка по класичен балет во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје.
Како што посочија од „Танц фест“, се случи историски ден бидејќи на македонската сцена првпат можеше да се проследи магијата создадена од врвните балетски уметници од Париската опера.
Пред присутните настапија најдобрите пет финалисти од вкупно 13 учесници на конкурсот за наградата „Роксан Стојанов“, кои беа избрани дента – Антонија Атанасоска, Виола Имери, Јана Кепевска, Мила Николова и Теа Серафимов.
Жири-комисијата составена од Роксан Стојанов, ѕвезда на Париската опера, Антонио Конфорти, солист на Париската опера, Сандра Мијалкова, примабалерина на НОБ, Кристоф ле Риголер, амбасадор на Франција, и проф. д-р Рисима Рисимкин, кореографка и уметнички директор на натпреварот, ги избра најдобрите три учесници на конкурсот за наградата. Третото место го освои Јана Кепеска, второто Антонија Атанасова, а првото Виола Имери, која доби еднонеделен професионален престој во Париз, под менторство на Роксан Стојанов. Атанасова и Кепеска, пак, добија диплома и стипендија за „Сит кампот“ во Скопје.
Во рамките на програмата беше изведен и 3. чин од „Бајадерка“ – „Кралство на сенките” од Балетскиот оддел при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, на музика на Лео Минкус и во кореографија на М. Петипа, додека Роксан Стојанов и солистот на Париската опера, Антонио Конфорти, изведоа фрагмент од „Богородичната црква во Париз“ – во кореографија на Роланд Пети и на музика на Морис Жар. Натпреварот е под покровителство на претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова. Настаните од програмата на „Танц фест“, кој ќе трае до 5 мај, освен во Скопје, ќе се случуваат и во Битола.
Роксан Стојанов е исклучителна уметница со македонско потекло, чија кариера започнала во Скопје, а врвните достигнувања ги остварила во Европа, но и пошироко во светот.
– За мене е голема емоција што сум вечерва тука во Скопје, за првото издание на наградата „Роксан Стојанов“. Ова место има посебно значење за мене, затоа што тука ги направив моите први чекори во танцот. Тогаш не можев да замислам дека еден ден ќе станам ѕвезда на Париската опера. Патот се создаде меѓу средби и можности кои ми помогнаа да верувам во еден сон што тогаш не се осмелував да го замислам – рече Роксен на отворањето.
Во декември 2024, таа е прогласена за ѕвезда на Париската опера, највисокото уметничко признание на оваа светска реномирана институција. На 21. издание на „Танц фест“ таа ја доби наградата „Менада“ за особен придонес во областа на танцот.
Натпреварот за наградата „Роксан Стојанов“ е организиран од „Интерарт“ и од Францускиот институт во Скопје, со поддршка на Амбасадата на РС Македонија во Париз.