СИТУАЦИЈАТА СО ИРАН Е ВО КРИТИЧНА ФАЗА, ЌЕ ПРОДОЛЖИ ЛИ ВОЈНАТА? Примирјето истекува, нема договор за нова средба во Пакистан
Претседателот на САД, Доналд Трамп изјави дека можеби нема да го продолжи примирјето со Иран доколку разговорите не успеат и предупреди дека САД ќе го обезбедат иранскиот нуклеарен материјал на многу понепријателски начин, доколку не се постигне договор за негов мирен трансфер.
Претседателот на САД, Доналд Трамп денеска одржа состанок во Собата за ситуации во Белата куќа за да разговара за новата криза околу Ормускиот Теснец и за преговорите со Иран, потврдија двајца американски функционери.
Ситуацијата со Иран е во критична фаза, со оглед на тоа што се очекува прекинот на огнот да истече за 3 дена, а сè уште не е одреден датум за нова средба меѓу американските и иранските преговарачи.
Повторното затворање на Ормус од страна на Иран, како и серијата денешни напади врз бродови во теснецот, се случија на помалку од 24 часа откако Трамп изјави дека може да се постигне договор за завршување на војната „во рок од еден или два дена“.
Висок американски функционер предупреди дека доколку наскоро нема напредок, војната може да продолжи во наредните денови.
На состанокот во Ситуациската соба присуствуваа потпретседателот Џеј Ди Венс, за кого се очекува да учествува во следната рунда преговори со Иран, државниот секретар Марко Рубио, секретарот за војна Пит Хегсет, секретарот за финансии Скот Бесент, началникот на кабинетот на Белата куќа Сузи Вајлс, специјалниот пратеник Стив Виткоф, директорот на ЦИА Џон Ратклиф и претседателот на Здружениот штаб на вооружените сили Ден Кејн, изјави американски функционер.
Претходно Трамп изјави дека можеби нема да го продолжи примирјето со Иран доколку разговорите не успеат. Тој, исто така, предупреди дека САД ќе го обезбедат иранскиот нуклеарен материјал „на многу понепријателски начин“ доколку не се постигне договор за негов мирен трансфер.
Заменик-министерот за надворешни работи на Иран Саид Хатибзаде денеска соопшти дека ќе нема нови директни мировни преговори со САД сè додека Вашингтон не ги промени своите, како што ги нарече, максималистички барања.
Американските и иранските делегации се состанаа минатиот викенд во пакистанскиот главен град Исламабад, разговорите траеја помалку од еден ден и не беше постигнат договор.
Белата куќа претходно оваа недела објави дека втората рунда разговори веројатно би можела да се одржи во истиот град, при што Пакистан ќе игра клучна улога како посредник меѓу двете земји.
Хатибзаде рече дека Иран бара да се завршуи „рамковниот договор“ пред да се согласи на нов состанок.
– Сè уште не сме стигнале до фазата каде што можеме да одиме на нов состанок, бидејќи Американците сè уште не се откажале од своите максималистички позиции – изјави тој за Асошиејтед прес на дипломатски форум во Турција.
Тој додаде дека во последните денови имало бројни размени на пораки меѓу двете страни. Исто така, нагласи дека Иран нема да им го предаде збогатениот ураниум на САД, нарекувајќи ја идејата „неприфатлива од самиот почеток“.
Врховниот совет за национална безбедност на Иран, највисокото тело за донесување одлуки во земјата под врховниот лидер, објави дека ќе го контролита Ормускиот Теснец „до конечното завршување на војната“.
Новинската агенција Тасним објави дека советот соопштил дека сè додека продолжува американската поморска блокада на иранските пристаништа Техеран „ќе го смета тоа за кршење на прекинот на огнот и ќе спречи условно и ограничено повторно отворање на Ормус“.
Во соопштението се додава дека началникот на пакистанската армија Асим Мунир, кој штотуку ја заврши тридневната посета на Иран, ги пренел новите предлози од Соединетите Американски Држави, а Техеран „ги разгледува и сè уште не одговорил“.