НЕ БАРАМЕ ИЗГОВОРИ И ОДЛОЖУВАЊА, ТУКУ ПРАВДА ЗА НАШИТЕ ДЕЦА „Маршот на ангелите“ за прв пат се одржа во Штип
Од Здружението на граѓани „16 март“ најавија дека ќе продолжат со организирање маршеви во Кочани и во другите градови од каде што се жртвите од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Родителите на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани денеска го одржаа 41-от „Марш на ангелите“, за прв пат во Штип.
Семејствата и блиските на жртвите поминаа пред зградата на Судот и Јавното обвинителство, а пред објектот на штипската полиција прашаа зошто планот за акциска контрола во „Пулс“ не бил потпишан и одобрен навремено и зошто не биле преземени мерки што можеле да спречат трагедијата.
Кој дозволил да се чека, кој премолчел и кој не постапил, прашаа родителите.
Александар Наунов татко на загинатата Надица Наунов порача дека семејства бараат одговорност за секое непостапување, за секое одолговлекување и за секој молк.
– Требаше ли да изгубиме 63 деца, браќа, сестри, сопрузи, родители и пријатели за некој да сфати дека пропустите убиваат? Многу работи допрва ќе излезат на виделина, но за жал, предоцна – рече Наунов.
Поворката помина и покрај зградата на регионалната подружница на УЈП во Штип, каде рекоа дека немаат одговори до каде е постапката за даночните инспектори.
– Поминаа месеци откога беа најавени кривични пријави против службени лица од УЈП. Оттогаш молк. За нас секој ден без одговор е нова болка. Не зборуваме за предмет на хартија, туку за 63 изгубени животи. Денес сме пред УЈП да прашаме јасно, до каде е постапката и кога ќе започне судењето? Не бараме изговори и одложувања, бараме одговори, бараме правда – рече Наталија Таневска, мајка на починатиот Дамјан Таневски.
Од Здружението на граѓани „16 март“ најавија дека ќе продолжат со организирање маршеви во Кочани и во другите градови од каде што се жртвите.