СЕ ПЛАНИРА НОВ ВОЕН БЛОК МЕЃУ ЕУ, ТУРЦИЈА, ВЕЛИКА БРИТАНИЈА И УКРАИНА, ОТКРИ ЛАВРОВ Време е Русија и САД да разговараат за идните економски врски
Меѓународните кругови разгледуваат концепт според кој САД би го намалиле финансирањето за европската безбедност, потоа би постигнале договор со Русија, а потоа би се фокусирале на долгорочната конкуренција со Кина, рече рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Се разгледува концептот за нов воен блок, кој би ги вклучувал ЕУ, Турција, Велика Британија и Украина, рече денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на Дипломатскиот форум АНталија, што се одржува во Турција.
Тој изјави дека меѓународните кругови разгледуваат концепт според кој Соединетите Американски Држави би го намалиле финансирањето за европската безбедност, потоа би постигнале договор со Русија, а потоа би се фокусирале на долгорочната конкуренција со Кина, додека Европа би формирала нова безбедносна рамка.
Секоја сосема нова структура ќе продолжи да биде агресивна, особено имајќи ги предвид луѓето што денес ги водат ЕУ и НАТО, додаде Лавров.
– Украинскиот претседател Володомир Зеленски брзо ја прифати таа идеја, наведувајќи дека украинската армија треба да биде јадрото, односно гаранцијата за успехот на тој потенцијален блок – рече Лавров.
Тој, исто така, оцени дека „по трет пат во модерната историја, глобална закана може да потекнува од Европа“.
Лавров истакна дека НАТО „не е во најдобра состојба“, но дека Русија нема да се меша во внатрешните работи на Алијансата.
Шефот на руската дипломатија посочи и дека филозофијата на нацизмот отворено повторно се раѓа во Германија и во Финска, како и дека Велика Британија не е далеку од тие идеи.
Лавров рече и дека дојде времето за разговор со САД за тоа како Вашингтон ги гледа своите идни економски врски со Русија. Сепак, тој додаде и дека разликите меѓу двете земји остануваат.
Додаде и дека Западот има двојни стандарди, односно, ја признал независноста на Косово, без да размислува за територијалниот интегритет на Србија, со аргумент дека тоа е право на самоопределување, а во случајот со Крим и со Донбас, постојано се повикува на територијалниот интегритет на Украина.
Лавров рече дека светскиот поредок заснован на правила никогаш не постоел.
Рускиот министер за надворешни работи изјави и дека Зеленски лаже кога зборува за наводната штета на нафтоводот Дружба, кој поминува низ дел од украинската територија.
На маргините на Дипломатскиот форум во Анталија, Лавров се сретна со својот турски колега Хакан Фидан.
„Детално беа разгледани клучните аспекти од меѓународната и регионалната агенда, вклучувајќи ја и ситуацијата во Персискиот Залив и на Блискиот Исток. Беше потврдена заедничката желба на Русија и Турција за натамошна конструктивна соработка во развојот на ефикасни решенија за решавање на кризни ситуации“, соопшти руското Министерство за надворешни работи.