УБИЕН Е ФРАНЦУСКИ МИРОВНИК ВО ЛИБАН Според Макрон, сè укажува дека Хезболах е одговорен

Либанскиот премиер Наваф Салам остро го осуди нападот врз француските припадници на УНИФИЛ и додеда дека истрагата ќе ги открие сторителите.

30

Еден француски војник е убиен, а тројца други се ранети во напад врз мировните сили на Обединетите нации во Либан (УНИФИЛ), објави денеска францускиот претседател Емануел Макрон на мрежата Икс.

„Сè укажува на тоа дека Хезболах е одговорен“, посочи Макрон, додавајќи дека ранетите војници биле евакуирани по нападот во јужен Либан.

„Франција бара либанските власти веднаш да ги уапсат сторителите“, објави Макрон.

Либанскиот премиер Наваф Салам остро го осуди нападот врз француските припадници на УНИФИЛ.

„Издадов строги инструкции за спроведување на итна истрага, за да се откријат околностите на овој напад и сторителите да се повикаат на одговорност. Таквото неодговорно однесување предизвикува голема штета на Либан и на неговите односи со пријателските земји кои го поддржуваат“, објави Салам.

Тој не кажа кој го извршил нападот врз францускиот контингент на УНИФИЛ, кои патролираат во јужните делови од земјата.

УНИФИЛ соопшти дека нивната патрола, која расчистувала неексплодирани убојни средства по патот во селото Гандурија за да воспостави комуникација со изолирани позиции, била изложена на оган од лесно оружје од недржавни актери.

УНИФИЛ, исто така, ја повика либанската влада итно да почне истрага за да ги идентификува и да ги казни сторителите на нападот врз мировниците.

Хезболах негираше вмешаност во смртоносниот напад врз мировниците на ОН во јужен Либан.

Телевизијата Ал-Манар, која е во сопственост на Хезболах, објави дека Хезбола негира каква било вмешаност во инцидентот со силите на УНИФИЛ и повикува на претпазливост при изнесување обвинувања и извлекување заклучоци.

Поврзани содржини