ЗАМИЖАЛЕ ПРИ НЕЛЕГАЛНА СЕЧА И „ПУШТАЛЕ“ ИНФОРМАЦИИ ЗА ПАТРОЛИ Полицаец и шумар не спречиле пустошење на шуми
Двајца службеници од МВР и шумска полиција се осомничени за оддавање службени информации и дозволување нелегална сеча во регионот на Берово и Струмица. Случајот е пред Обвинителството за организиран криминал.
Кривични пријави се поднесени против двајца службеници од безбедносниот и шумарскиот сектор поради сомневања дека оддавале службени информации, не постапувале по законските обврски и дозволиле нелегална сеча на шуми во источниот дел на државата.
Станува збор за М.А. (42) од Струмица, вработен во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство – Сектор за шумска полиција, и В.П. (52) од Берово, вработен во МВР во Регионалниот центар за гранични работи Исток.
Според информациите, тие во текот на 2025 година не реагирале на нелегални активности поврзани со пустошење на шуми, иако за тоа имале информации и службена обврска да постапат. Наместо тоа, според сомневањата, не преземале мерки за спречување на сечата.
Дополнително, се наведува дека оддавале податоци за движење на полициски и шумски патроли во подрачјата на Берово и Струмица на лица поврзани со организирани активности за нелегална експлоатација на дрвна маса.
Со тоа, според истрагата, им било овозможено на организатори на нелегална сеча да продолжат со активности и да остварат значителна противправна имотна корист.
Од надлежните истражни служби велат дека со нивното постапување е овозможено продолжено уништување на шумски фонд, и покрај тоа што биле должни да реагираат и да ги спречат ваквите активности.
Случајот е доставен до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.