МИШО КОВАЧ ГИ ДЕМАНТИРА НАВОДИТЕ ДЕКА ЕДВАЈ ПРЕЖИВУВА ФИНАНСИСКИ „Сопругата и јас живееме скромно и чесно“
Веста за наводно тешката финансиска состојба на Мишо Ковач ја разбранува јавноста, но легендарниот пејач набрзо реши да им стави крај на шпекулациите.
Откако „Слободна Далмација“ објави дека легендарниот хрватски пејач Мишо Ковач наводно живее во тешка финансиска состојба и преживува со околу 420 евра пензија, во јавноста се крена многу прашина.
Сепак, Мишо Ковач брзо реагираше и решително ги демантираше сите горенаведени информации за „Јутарњи лист“. Тој рече дека тврдењата за неговата наводна сиромаштија се неточни и дека нема потреба да се организираат хуманитарни концерти во негова корист.
– Никогаш во животот не сум молел за ништо, ниту пак некогаш сум барал парична помош за себе. Првпат слушам дека некој сака да организира некаков концерт чиј приход би ми бил исплатен мене за да можам да заработам нешто.
На оние кои пишуваат или сакаат да прават нешто такво, им порачувам да се држат подалеку од тоа: Не ми треба, ниту го сакам тоа! – порачал Мишо од Строжанец покрај Сплит, место кадешто живее со години со сопругата Лидија.
– Тоа не се никакви мои пријатели. Мојот најголем пријател е мојата Лидија, жената што ја сакам и која ме спаси, жената за која живеам. А луѓето со кои сум добар знаат дека никогаш не би дал дозвола да се одржи таков концерт. Јас живеам онака како што живее мојата публика. Чесно и скромно. И чест ми е што живеам така – додава тој.
– Јас и мојата сопруга Лидија живееме нормален, мирен живот. Среќен сум што сме заедно, што покрај мене е жената што ја сакам најмногу на светот, која ме прибра и ме врати на нозе кога бев полулуд поради смртта на мојот син, која ни помогна мене и на мојата ќерка Ивана кога ни беше најтешко. Нашиот живот е наш живот и не е ничија работа. Но, морам да истакнам дека е лага и дека Лидија и јас сме се разделиле по смртта на Еди. Откако се запознавме, сме заедно, без разделби – вели Мишо.