„ТОА ЈА УБИ МОЈАТА МАЈКА“ Емотивниот говор на Хари ја разбранува јавноста
Принцот Хари во говорот на самитот InterEdge во Мелбурн откри дека никогаш не сакал да извршува кралски должности, евоцирајќи спомени за неговата покојна мајка.
Третиот ден од турнејата на принцот Хари и Меган Маркл низ Австралија беше обележан со исклучително лични и емотивни признанија што го вратија парот во центарот на вниманието.
Зборувајќи на самитот InterEdge во Мелбурн, принцот Хари отворено зборуваше за својата врска со кралската улога, откривајќи дека никогаш не ја сакал.
– Откако мајка ми почина пред мојот 13-ти роденден, реков дека не го сакам тој живот. Тоа ја уби мојата мајка – рече тој, додавајќи дека со години ја држел главата во песок пред да одлучи да ги напушти кралските должности и да се пресели во САД со Меган.
Тој исто така нагласи дека верува оти принцезата Дајана би ја поддржала неговата одлука и призна дека во текот на целиот свој живот честопати се чувствувал изгубен, предаден и беспомошен.
И Меган не ги криеше своите емоции, зборувајќи за нејзиното искуство со онлајн злоупотреба што трае десет години.
– Секој ден, десет години, бев нападната. Бев најтролараната личност на целиот свет. Сè уште сум тука – рече Меган.
Двојката им порача на младите да бидат силни и свесни за влијанието на социјалните медиуми врз менталното здравје, нагласувајќи дека дигиталниот свет често поттикнува суровост заради кликови.
Нивната турнеја се следи и поради бројни други детали – од благото неодобрување на Хари кон новинарите до модните избори на Меган, кои се продаваат речиси во реално време преку онлајн платформа со вештачка интелигенција. Имено, сите облеки што Меган ги носи за време на нејзината посета на Австралија се достапни за купување, а таа заработува процент од продажбата, што предизвика дополнителни реакции во јавноста. Покрај тоа, тука е и фијаското со тридневното дружење со Меган, кое чинеше 1.400 фунти, и кое сè уште не е распродадено и покрај тврдењата за спротивното.
Токму овој комерцијален сегмент ја загрижувал покојната кралица Елизабета, на која не ѝ се доаѓало тоа што двојката планирала да ги користи своите титули за комерцијални цели и се обидела да го спречи тоа за време на нејзиниот живот.
– Нема да шпекулирам што би мислело Нејзиното Височество за сето ова, но можам со сигурност да ви кажам дека токму ова се обиде да го спречи – изјавил еден извор за „Дејли меил“, додека друг открил како палатата гледа на патувањето:
– Очигледно е иритирачки, но преовладува чувството дека институцијата мора да се справува со ударите за да продолжи напред.